Фото: Игор Бансколиев

Вработените во транзитните центри добиваат обука за превентивна медицинска заштита, доколку поголем број мигранти дојдат до нашите граници. Тие се обучуваат како да ги препознаат можните симптоми на заразните болести, како да направат правилна дезинфекција и слично

Колку Македонија, во овие услови, е подготвена да одговори и на здравствениот предизвик, кој реално е присутен со речиси секојдневните обиди за илегално преминување на нејзината територија од страна на поголеми или помали групи мигранти, но и со сѐ поизвесниот нов мигрантски бран. Овие дилеми особено стануваат актуелни, како што во земјава и низ светот се влошуваат состојбите поврзани со пандемијата од коронавирусот, иако и претходно беа присутни одредени ризици од други заразни болести.
Во сублимиран заклучок, авторитетите со кои се консултиравме за овие прашања, велат дека нашата земја е подготвена превентивно да одговори на можните опасности од ширењето на заразните болести од страна на неконтролираниот влез на мигранти.
Секретарката на Црвениот крст Сузана Тунева, објаснува дека по искуствата што сме ги добиле од времето на претходната мигрантска криза, сега нашата земја е подобро подготвена да одговори на сите идни предизвици, кои би можеле да ги донесат новите бранови бегалци и мигранти во земјата. Тунева објаснува дека Црвениот крст на Македонија, од завршувањето на минатата криза па досега, практично и никогаш ги нема напуштено транзитните центри и пограничните области и тој континуирано, во соработка со сите организации и државни институции, дејствува на ова поле од 2015 година па наваму. Тунева оценува дека во моментов земјата и Црвениот крст активно се подготвуваат превентивно да одговорат на идните можни здравствени предизвици.
– Претставниците на Црвениот крст се екипирани со стручен кадар во кој се вбројуваат и медицински работници и доктори. Дополнително тие веќе имаат добиено заштитана опрема и облека, а истовремено и се обучени со епидемиолошка анкета да ги препознаат првите симптоми на заболувањето од коронавирусот. Натаму, ако се регистрира одредено случување во прифатните центри на располагање имаме објекти за карантин, а потоа за истото тоа го известуваме и Центарот за јавно здравје. Во процесот за медицинска заштита е предвидено дека ако има случаи на заболени лица од заразни болести, кои се дел од идниот можен нов бран, тогаш истите тие да бидат со службени возила на Црвениот крст и на Центарот за јавно здравје однесени до локациите каде што ќе им биде дадена неопходната медицинска помош – вели таа.

Претседателот на организацијата „Легис“ Јасмин Реџепи, вели дека во пресрет на последните случувања поврзани со ширењето на коронавирусот, но и со можноста за повторување на бегалската криза, веќе се спроведени одредени подготовки.
– Последниов период вработените во транзитните центри добиваат обука како превентивно да се заштитат себеси и можните бегалци, доколку дојдат до нашите граници. Во тој правец, вработените се обучувани како да ги препознаат можните симптоми на болеста, како да направат правилна дезинфекција и слично.

Дополнително, центрите веќе се опремени со неопходните средства за превенција и дезинфекција, а одредени се и објекти, монтажни контејнери, кои би можеле да се користат за карантин и за задржување на луѓето ако бидат заболени од вирусот или, пак, за нив има сомневање дека се инфицирани – вели Реџепи.

Тој, сепак, подвлекува една интересна состојба, а таа е дека, за среќа, овие луѓе, не се изложени на можност на зараза бидејќи тие немаат практично никаков допир со аеродромите и големите градови во Европа и во Азија, каде што се шири заразата.
– Бегалците што се во центрите во Турција и во Грција, единствено контактираат со лица од нивните матични земји и со оние од локалните власти. Но, сепак, и во такви услови болестите лесно се шират бидејќи бегалците не се згрижени на правилен начин. Доколку вирусот стигне до овие луѓе, тогаш ќе биде страшно.

За среќа, во Македонија нема голем број лица што се од овој нов бегалски бран и засега државата солидно и превентивно се справува со настаните. Но доколку драстично се зголеми бројот на овие луѓе, до на пример 20.000, тогаш тоа со сигурност би било и здравствен проблем за нашата држава, но и за која било друга што би се соочила со таква појава – резимира Реџепи.

[email protected]