Убиството на Раде Јовчевски - Корчагин од страна на Бугарските окупаторски фашистички сили на Македонија

Осумдесет години од основањето на Првиот скопски партизански одред

„Како резултат на војната и наша Македонија е окупирана од германски, италијански и бугарски војски… Ние не видовме ниту наши чиновници, нити да се споменува нешто за нашите македонски револуционери, што пак за македонската култура. Сѐ што е наше ни се претставува како да е било бугарско… да се обединат сите Македонци и другите народности во Македонија за општо свое право за слобода и рамноправност, но не делење на македонската земја и македонскиот народ.“ „Писмо до Стојана“

Формирањето на Првиот скопски народноослободителен партизански одред има особено значење во македонската историја и создавањето на македонската држава. Всушност, споменатиот одред е првата партизанска единица на Народноослободителната борба на македонскиот народ, темелот врз кој постепено низ тешките борби против окупаторските војски на нацистичка Германија, фашистичка Италија, царска Бугарија и квинслиншка Албанија, како и нивните соработници и помагачи, првпат во историјата на македонскиот народ ќе се изгради национална држава, Народна Република Македонија, која влезе во состав на поширока сложена држава – Југославија. Сепак, за издвојување е дека со создавањето на НР Македонија како држава на Македонците, односно нов државен ентитет, токму по Втората светска војна, таа беше признаена и заведена под споменатото име во меѓународните организации во согласност со меѓународното право.

„Писмо до Стојана“

Појавата и дејствувањето на Првиот скопски партизански одред има своја генеза. Неговите основи може да ги бараме во прогласот познат како „Писмо до Стојана“, испратено од Методија Шаторов-Шарло до македонскиот народ во мај 1941 година, еден месец по новата окупација на Македонија. Прогласот ги повикува Македонците на борба против окупаторите и многу суштински ја образложува идната македонска борбата. Во „Писмо до Стојана“, меѓу другото можеме да прочитаме: „Како резултат на војната и наша Македонија е окупирана од германски, италијански и бугарски војски…

Ние не видовме ниту наши чиновници, нити да се споменува нешто за нашите македонски револуционери, што пак за македонската култура. Сѐ што е наше ни се претставува како да е било бугарско… да се обединат сите Македонци и другите народности во Македонија за општо свое право за слобода и рамноправност, но не делење на македонската земја и македонскиот народ.“

Прогласот имал особено влијание врз авангардната интелигенција, која прва се вклучила и постепено застанала на чело на македонската борба за национална и социјална правда, предводејќи го македонскиот народ кон остварување на неговиот вековен идеал – создавање македонска држава.

Генезата на Првиот скопски партизански одред

Во мај 1941 година, под водството на Шаторов, се организирани повеќе воени обуки, а непосредно пред формирањето на скопскиот партизански одред, беше извршена диверзантска акција на аеродромот Петровец – во текот на која е запален и уништен еден германски транспортен авион од типот „ЈУ-52“, истовремено во Скопје беше запален и еден германски воен камион. Сите овие акции беа насочени кон создавањето на скопскиот одред.

Одредот се создава со одлуката на Јунското советување за почетокот на оружената борба, а конкретно Првиот скопски народноослободителен партизански одред се формира на 22 август 1941 година во близината на скопскиот Градски парк под команда на Чедомир Миленковиќ и Даме Крапчев. Веднаш по создавањето, одредот извршил диверзантска акција во рудникот „Радуша“ и се засолнил на Водно. Во септември 1941 година, Боро Петрушевски има судир со бугарската полиција и одредот се префрлил во Скопска Црна Гора, во малата пештера Лазаров Камен, кај селото Чучер. Кон крајот на септември 1941 година, скопскиот партизански одред во Чучер го формира првиот македонски месен народноослободителен одбор.

Во октомври 1941 година, одредот организира акција за ликвидација на бугарските агенти Мане Мачков и Круме Панов, во текот на акцијата загинува Благоја Деспотовски-Шовељ, а Александар Смилковски бил уапсен.

Отежнатите услови за дејствување ја поттикнале одлуката за привремено распуштање на одредот, меѓутоа неговите борци ја продолжиле борбата. Еден дел од нив илегaлно влегле во Скопје, шестмина се префрлиле во Велес со намера да му се приклучат на Прилепскиот партизански одред, додека, пак, Даме Крапчев, Александар Урдаревски и Трајко Стојков решаваат да заминат за Косово, со намера да се поврзат со тамошното партизанско движење.

Во април 1942 година, Даме Крапчев, Раде Јовчевски-Корчагин, Кемал Сејфула, Трајко Стојков и Ѓорѓи Саздовски учествуваат во создавањето на Вториот скопски партизански одред, со што продолжила борбата против окупаторите во скопскиот реон.

Александар Урдаревски

Првиот скопски народноослободителен партизански одред имал 42 борци, а од нив 17 души биле убиени во текот на Народноослободителната борба, меѓу нив бил и првиот командант Чедомир Миленковиќ, кој бил обесен во софискиот затвор, Александар Урдаревски како командант со Скопско-косовскиот партизански одред е убиен во борба со италијанско-албанските чети, Раде Јовчевски-Корчагин загинува во борбата со бугарската полиција, Даме Крапчев загинува во борба против бугарската војска на Плачковица и многу други.

Покрај Македонците, во редовите на скопскиот партизански одред се бореле Срби, Албанци, Турци, Црногорци, Хрвати и Чеси. По создавањето на македонската држава, тројца борци на одредот – Раде Јовчевски-Корчагин, Боро Петрушевски и Александар Урдаревски се прогласени за народни херои.

Значењето на Првиот скопски партизански одред

Првиот скопски народноослободителен партизански одред има извонредно значање во македонската национална историја. Преку создавањето на одредот, Македонците покажаа зрелост и висока свест за продолжување на вековната борба за отфрлање на сите тирании и создавање македонска национална држава. Македонците како и во минатото, и овој пат со формирањето и активностите на скопскиот партизански одред, во полн капацитет ја избраа вистинската страна, онаа што се бореше за слобода, еднаквост и правда.

Не случајно македонската народноослободителна војска и партизанските одреди им беа сојузници на оние што се бореа против фашизмот. Токму бескомпромисната антифашистичка борба беше насочена и кон извојување слобода и самостојна македонска држава.

Споменик во Скопје на местото каде што се самоуби Благоја Деспотовски – Шовељ

Одбележувањето на 22 август има особено значење во создавањето на македонската држава и националните борби на македонскиот народ. Затоа овој датум треба да остане запаметен како денот на кој изртија никулците на новата антифашистичка, национална држава на македонскиот народ и сите други народности, рамноправни во своите политички, верски, културни, образовни, индивидуални и колективни права.
Слободарското семе (од кое никна нова фиданка како што беше скопскиот одред), беше посадено векови претходно, од нашите предци. Нам сега ни е ред и должност да ги зачуваме независноста, суверенитетот, територијалниот интегритет, а и сите придобивки на Македонците и македонската држава, без разлика на новите и сѐ почести уцени, закани, притисоци. Во името на борците од Првиот скопски партизански одред, тоа им го должиме на оние што се жртвуваа за нас, тоа им го должиме на оние што ќе дојдат по нас.