Уставниот суд го укина Законот за спречување и заштита од дискриминацијата, одлука што беше донесена на вчерашната седница, соопшти Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија. Оваа одлука на Уставниот суд доаѓа по иницијативата поднесена од страна на претходниот состав на Комисијата за заштита од дискриминација за оценка на уставноста и законитоста на законот бидејќи, како што се наведува, законот беше донесен без потребното мнозинство кое е уредено со член 75 од Уставот.

– Вината и одговорноста за оваа одлука е во пратениците, особено владејачкото мнозинство, кое предизборната кампања ја засноваше на градењето едно општество за сите и ни ветуваше унапредување на правата на ЛГБТИ-луѓето. Одговорност имаат и  Tалат Џафери, претседателот на Собранието, и Стево Пендаровски, претседателот на државата, кои морало да знаат дека законот е донесен спротивно на Уставот – се вели во соопштението на Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија, кое во продолжение ви го пренесуваме.

Со новото законско решение првпат експлицитно се забрани дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет, со што требаше, конечно, да се овозможи поголема заштита и правно признавање на идентитетот на ЛГБТИ-луѓето. Усвојувањето на овој закон беше резултат на нашата долгогодишна работа, неуморна посветеност и упорност, сè со цел да овозможиме подобар живот за ЛГБТИ-луѓето, причина за гордост и надеж дека еден ден државата и сограѓаните ќе нè третираат како еднакви. Сепак, не сметаме дека нашите напори се залудни и покрај разочарувањето.

Пораката што ја испративте до ЛГБТИ-луѓето, но и до другите групи ранливи, различни, понижувани и обесправени граѓани, како Ромите, сиромашните, политички неподобните, луѓето со попреченост, жените и работничките, е дека нивните права и животи се неважни. Ние немаме политичка моќ, ние немаме пари, ние не можеме да ви донесеме гласови на избори, но не сметаме дека тоа е предуслов за да ни овозможите достоинствен живот, кој ни го должите со самиот факт што постоиме.

Ефикасна и ефективна заштита од дискриминација како крајна цел треба да има зауздување на привилегиите стекнати спротивно на законот, а овозможување еднаков пристап до човековите права за најмаргинализираните, како клучни ресурси во демократијата. Оттука, разбираме дека малку е веројатно од вашата привилегирана позиција да се ставите во нашите чевли и заедно со нас да работите на унапредување на нашите права, но нашите права не се прашање на вашата емпатија и милостина, туку прашање на ваша обврска и должност.

Ние ќе продолжиме уште погласно да ве потсетуваме на вашите долгови и обврски. Нашата различност ни овозможи да развиеме мрежи на поддршка и безбедни простори во кои некои од нас може да живеат слободно и достоинствено. Нашата маргинализација ни овозможи да се солидаризираме со сите обесправени заедници, а преку нашата борба да се залагаме за еманципација на целото општество.

Ги потсетуваме институциите дека и покрај укинувањето на законот, имаат обврска да ги штитат ЛГБТИ-луѓето од дискриминација и со нив да постапуваат достоинствено и еднакво. Сите ЛГБТИ-луѓе ги повикуваме да се приклучат кон нашата борба за да ја зајакнеме нашата политичка моќ“, се вели во реакцијата на Националната мрежа против хомофобија и трансфобија.