Фото: Маја Јаневска-Илиева

Реформата во основното образование почнува со новата учебна година во прво и четврто одделение, за што се прават сите потребни подготовки, информираа од Министерството за образование и наука.

Наставата за прво одделенците и за четврто одделенците од први септември ќе тече по новата Концепција, со новите материјали за учење за што, МОН се уверени дека ќе дадат подобри резултати кај учениците.

– Сите подготовки се одвиваат според планот и утврдената динамика. Наставните програмите се веќе донесени. Во постапка е набавката на 10 илјади таблети. Тече подготовката на материјалите за учење за прво одделение кои треба да се готови до крајот на јули, а првата половина на август првите дигитални учебници треба да бидат сосема готови и да се дистрибуираат до училиштата – велат од МОН.

Дополнително се набавуваат кабинети за природни науки за 265 училишта. Овие кабинети се за погорните одделенија, но важно е училиштата да се подготвени за имплементацијата на реформскиот процес кој ќе се спроведува во следните 5-6 години.