Фото: Маја Јаневска-Илиева

Иако во Македонија до вчера немаше сомнителни случаи на заразени од смртоносниот коронавирус, кој, според последната процена на Светската здравствена организација, е глобална закана, во јавноста се наметнаа прашањата како може да се потврди евентуално присуство на овој вирус, дали вирусните лаборатории во Институтот за јавно здравје се оспособени за тоа и колку време е потребно за таква анализа.
Министерот за здравство, Венко Филипче, вчера ја посети лекарската екипа на меѓународниот аеродром „Скопје“, која прави скрининг на патниците што доаѓаат од Кина и од земји блиски на неа, со летовите од Дубаи и од Истанбул. Тој порача дека нема простор за паника од ширење на коронавирусот во Македонија.

– Засега немаме патници со симптоми на коронавирус во Македонија. Доколку има пациенти со такви симптоми, имаме изолација, се знае како се постапува. Се соочивме со епидемија на морбили и, за разлика од земјите од регионот, ние за пократко време ја запревме епидемијата. Ни беа потребни шест месеци, додека кај другите земји тоа траеше една година и имаше над 100 смртни случаи – истакна Филипче.

Според епидемиолозите, мерките за превенција што ги посочува Министерството за здравство се во согласност со препораките на Светската здравствена организација. Велат дека минатите искуства се позитивни кога се праќале примероци за анализа во лабораториите во Германија.

– Мерките за превенција треба да ги следат сите граѓани, институции и компании за производство на храна. А тие се да се воведе дополнителна заштита на храната, да не се консумира храна направена од болни животни, да се воведе дополнителна заштита при приготвувањето на храната, да се користат различни садови и ножеви за приготвување и сечкање сурова храна и задолжително да се мијат рацете по секое приготвување храна. При приготвување месо и јајца, истите тие убаво термички да се обработат, да се воведе посебна заштита при работа на отворени пазари, да се избегнува незаштитен контакт со болни (вклучувајќи и допир на уста, нос и очи), како и незаштитен контакт со домашни или диви животни, задолжително и често миење раце, при кашлање или кивање да се заштитат устата и носот со марамче или со дланката – препорачуваат епидемиолозите.

Инаку, истиве мерки беа преземени и за време на епидемијата на птичјиот грип.
Во меѓувреме, Националната здравствена комисија на Кина соопшти дека вкупниот број на смртни случаи од коронавирусот во земјата се искачи на 170 заклучно со средата, а бројот на заразени пациенти се искачи на 7.711.
Инфекции се пријавени најмалку во 15 други земји, со 104 потврдени случаи. Но не се пријавени смртни случаи надвор од Кина.

Вирусот има инкубација од еден до 14 дена и може да се пренесува и пред да се појават симптомите. Како чести симптоми во прва фаза од болеста се забележуваат покачена телесна температура, кашлица, болка во мускулите, замор. Симптоми што поретко се манифестираат се главоболка, искашлување крв, дијареја. До осмиот ден по заразувањето, кај половина од пациентите се појавува и недостиг од здив, а околу 60 отсто од пациентите имале и намалување на лимфоцитите во крвта. Кај сите пациенти болеста се манифестирала со пневмонија и со промени во снимките на градниот кош.

Лекарска екипа на меѓународниот аеродром „Скопје“ е подготвена за прием на патници од Кина
Фото: Маја Јаневска-Илиева

ИЈЗ: Расте бројот на заболени од грип

Во текот на изминатата недела во државава се регистрирани 1.600 заболени од грип, што е зголемување за 45,5 проценти во споредба со минатата недела, кога биле регистрирани 1.100 заболени. Ова се наведува во последниот извештај што го објави вчера Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Најголем број на случаи се регистрирани во Струмица, Гостивар и во Скопје. Оттаму посочуваат дека се очекува пораст на активноста на вирусот и кулминација на сезоната на грип во текот на следните недели.

[email protected]


Став на ректорот Јанкуловски

На фејсбук-профилот на „Утрински брифинг“ е објавено интервју со проф. Маја Стевановиќ, од НАкС (Независен академски синдикат), во кое беа изнесени груби невистини за наводно узурпирање на академската слобода и притисоци врз вработените на универзитетот, за членство во синдикатот на УКИМ.
Мојата обврска како ректор на најголемиот универзитет беше да ја споделам информацијата, која потекна од Министерството за образование и наука за ветеното зголемување на платите и потребата истото тоа да се реализира со потпишување колективен договор на ниво на универзитети.
Синдикалното здружување е доброволно. Не можам да не ја споделам таквата информација од МОН, бидејќи платите во високото образование се многу ниски. Во ниту еден момент не е направен притисок врз кој било вработен и за само два дена е постигната репрезентативност од над 30 отсто од вработените на УКИМ, од кои повеќе од половината се наставно-научен кадар. Самото тоа е доказ дека ниту се имало намера да се изврши притисок, а ни желба ни време да се направи тоа врз околу 1.000 вработени. За жал, синдикатот НАкС (Независен академски синдикат), каде што членува проф. Маја Стевановиќ, не успеа да постигне репрезентативност за речиси 4 години од неговото формирање, што е веројатно и причина за ваквиот однос кон оваа ситуација.
Грубо бев обвинет дека сум го казнил Факултетот за драмски уметности при УКИМ со 20.000 евра, што претставува ноторна лага. Невистина е, и повторно лажно обвинување е дека не сум ги праќал барањата за нови вработувања во МОН за потребите на Факултетот за драмски уметности.
Со ваквите лажни тврдења на проф. Стевановиќ се нарушува мојот и угледот на целиот универзитет.
Ги известувам јавноста и медиумите дека во секој момент можат да ги проверат овие лажни обвинувања.

Ректор
Проф. д-р Никола Јанкуловски