Фото: Игор Бансколиев

Во старските домови пандемијата наметна строги правила на однесување

Бидејќи се забранети секакви посети и физички контакти, наместо рекреација и движење по парковите и дворовите, сега се движат по ходниците на прописна оддалеченост и со надзор од персоналот. Вработените во некои од старските домови велат дека постојано бараат креативни начини да ја ублажат оваа психолошка состојба за старите лица и да им олеснат во овие месеци на затвореност

Во Македонија постојат пет јавни установи – домови за стари лица, чии вкупни капацитети за институционално сместување изнесуваат 624 легла. Покрај петте јавни установи, на територијата на Македонија има и 33 приватни установи за сместување на старите лица од кои во Скопје 28, по една во Неготино, Битола и Радовиш и две во Струмица. Дали е ова доволно, какви се условите, цените за престој во овие установи, но и како се справуваат тие со предизвиците во услови на пандемија? Цените секако се различни и се движат од 20.000 до 45.000 денари, во зависност од местото, услугата итн. Заедничко за сите старски домови е тоа што поради актуелната пандемија на коронавирусот од крајот на февруари годинава станарите добија сосема променети услови за живеење, ограничената слобода на движење и повремена комуникација, која мора да биде на прописна оддалеченост или исклучиво онлајн со роднините и пријателите. Разговорот за нив честопати е лек од осаменоста, од фактот дека не се во своите домови со семејствата, па од таа причина некои од нив веќе ја практикуваат и се навикнале на онлајн комуникација, бидејќи забранети им се секакви посети и физички контакти.

Наместо рекреација и движење по парковите и дворовите сега се движат по ходници на прописна оддалеченост и со надзор од персоналот. Нема повеќе ниту полни трпезарии за време на оброците, туку седење секој сам на маса или послужување в соба за оние што не се во состојба да се движат. Вработените во некои од старските домови велат дека постојано бараат креативни начини да ја ублажат оваа психолошка состојба за старите лица, да им олеснат во овие месеци на затвореност, но и болка за починати станари од пандемијата. Претстојниве празници повторно ќе останат затворени во објектите, кои се само новогодишно украсени, ќе си честитаат онлајн со роднините, а со другите во домот во ходниците, под надзор и на прописно растојание. Било да се јавни или приватни установи за сместување стари лица, мора да се придржуваат кон пропишаните протоколи, за да се заштитат и зачуваат нивните животи.

– Јавните установи се под надлежност на единиците на локална самоуправа, освен одделението „Мајка Тереза“ во Скопје, кое е под надлежност на МТСП. Капацитетите во јавните установи не се доволни. Според европските стандарди, од три до пет отсто од вкупното старо население треба да биде покриено со институционално сместување. Во земјава тој процент изнесува 0,6 отсто. Во моментов, земјава се наоѓа во фаза кога се настојува да се подобрат квалитетот и квантитетот на животот во староста. На старите лица треба да им обезбеди достоинствен живот – велат од Министерството за труд и социјална политика.

Институционално и вонинституционално сместување на старите лица е приоритет и за членството на Сојузот на пензионери на Република Македонија, бидејќи бројот на баратели постојано расте, во меѓувреме нема нови државни домови, а приватните се прескапи за пензионерите со пониски примања.

– Подигнување на квалитетот на живеење на старите лица е една од примарните задачи на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија. Ова особено се наметнува со стареењето на населението и промената на структурата на семејството, каде што се губи можноста за традиционална семејна грижа во домашни услови на старите лица, иако пензионерите најубаво се чувствуваат во својот дом опкружени со своите роднини и пријатели. Според нашето мислење и мислењето на Здруженијата на пензионери, социјалното домување на пензионерите треба да се остварува преку постоење на разни форми и облици, и тоа изградба на пензионерски и старски домови, дневни центри, пензионерски клубови и социјални установи, односно сервиси за грижа на стари и изнемоштени лица во домашни услови – вели Станка Трајковска, претседателка на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија.

Во старските домови сопственост на локалната самоуправа, односно во Берово, Прилеп и во Куманово, се сместени 345 лица. Цените за сместување во домовите „Киро Крстевски Палтник“ и „Зафир Сајто“ се движат од 7.200 до 11.800 денари, додека во домот д-р Иван Влашки во Берово цената изнесува 18.000 денари без медицинска нега.

– Капацитетите за сместување на старите лица се малку. Домот „Зафир Сајто“ во Куманово е единствен, изграден е во бивша Југославија со капацитет од 175 до 200 лица со просторни соби, занимални и сите други потребни простории. Сега имаме 125 станари корисници и нема простор за нови, со оглед на тоа што поради пандемијава адаптиравме простор, кој можеби ќе ни биде потребен како простор за изолација – појаснува Дејан Стојановски, директор на старскиот дом „Зафир Сајто“ во Куманово.

Тој додава дека и покрај сите преземени мерки, во вториот бран на пандемијата поради болничкиот престој на една станарка биле заразени десет корисници на домот и петмина вработени. Тројца корисници починале. Сега во објектот дваесетина соби се одделени за оние што се настинати или грипозни, за да бидат изолирани од другите. Стојановски вели дека секаква комуникација со блиските е прекината. Летово под надзор на некој вработен станарите можеле да се видат со роднините само на прописна оддалеченост преку оградата во дворот, но сега веќе не. Дури и за Нова година нема да има дружби, но ќе им се овозможи на станарите новогодишна атмосфера со добра храна и музика и психолошка подршка со разговори и прошетка по ходниците.

Фото: Игор Бансколиев