Од оваа есен започнува имплементацијата на образовен процес низ кој учениците добиваат пракса и потенцијално сигурно вработување по завршување на образованието, додека компаниите добиваат кадар подготвен да одговори на дадените работни обврски, истакна премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција каде заедно со Министерството за образование и наука и претставниците на стопанските комори во земјата, ги сумираа резултатите од кампањата „Учи паметно, работи стручно“.

На прес-конференцијата беше презентиран Конкурсот за упис во средните училишта за учебната 2021 – 2022 година, во кој за прв пат значајно место имаат училиштата со паралелки за стручно образование.
Заев изрази задоволство од, како што рече, успешното спроведување на кампањата „Учи паметно, работи стручно“. Тој нагласи дека во знак на поддршка на новиот модел на стручно образование Владата вовела нови стипендии за ученици кои ќе се запишат во средните училишта за стручно оспособување.

– Успешната завршница на кампањата ‘Учи паметно, работи стручно’, како и внимателно подготвениот конкурс кој ги зеде сите аспекти од инклузивниот процес, се израз на нашиот сериозен пристап во унапредувањето на секој сегмент, на секоја коцка од мозаикот на реформираниот образовен систем – заклучи премиерот.

Министерката за образование и наука Мила Царовска истакна дека за прв пат постои уписна политика која е креирана преку една заедничка соработка помеѓу министерството, локалната самоуправа и компаниите.

– Со конкурсот за упис во средни училишта во учебната 2021-2022 година, во 109 средни училишта предвидуваме вкупно 30.053 слободни ученички места во 913 паралелки, од кои 19.602 во стручно образование во 604 паралелки, 9.261 во гимназиско образование во 274 паралелки и 1.190 ученички места во 35 паралелки во уметничко образование, спортска академија, спортска гимназија и математичко – информатичка гимназија – објасни Царовска.

Министерката подвлече дека стручното образование станува интересно за младите и поради проширувањето на концептот на дуално образование – современ концепт на едукација кој обезбедува повеќе практична обука за учениците и тоа директно во компании.