Мисиите на светите браќа пред 12 века биле обединувачки, исто како и денес, изјави премиерот Зоран Заев на промоцијата на печатеното издание на „Проглас“ од Константин Философ – Св. Кирил и на отворањето на изложбата „По трагите на Светите Кирил и Методиј“, како дел од содржините за одбележување на празникот 24 мај – Ден на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј, што се организирани со Република Словачка.

– Овој настан во чест на Светите Кирил и Методиј, обединува. Овој пат ги обедини Република Северна Македонија и Република Словачка преку заедничкото издание на „Прогласот“ на Константин Философ – Свети Кирил. Но тука со нас се и гостите од Чешка и претставници на другите братски држави, обединети и преку род и преку заедничката писменост. Ова библиофилско издание, кое за прв пат беше објавено во Словачка по повод 1150 годишнината од Великоморавската мисија на сесловенските просветители, сега доживеа и второ, дополнето издание на старословенски, словачки и македонски јазик. Објавено е повторно од страна на Словачката народна библиотека, во соработка со издавачот Друштвото на писатели на Словачка и со финансиска поддршка на Владата на Република Северна Македонија. Посебна заслуга за ова издание му припаѓа на господин Стојан Лекоски, наш сограѓанин кој повеќе години живее и работи во Словачка и кој се јавува како составувач и преведувач на ова дело – изјави Заев.
Во однос на изложбата „По трагите на Светите Кирил и Методиј“, премиерот раскажа дека на неа, низ фотографии и илустрации се прикажани животот и делото на сесловенските просветители и нивните мисии меѓу Сарацените, Хазарите, Брегалничката мисија, како и нивната најзначајна мисија за Словените – мисијата во Велика Моравија.

– За тоа колку е големо делото на Свети Кирил и Свети Методиј сведочи и признанието кое им го оддава Папата Јован Павле Втори во неговото послание од 31 декември 1980 година, со која ги прогласува Светите браќа за патрони, заштитници, на Европа – подвлече премиерот. Овој чин, како што додаде, само потврди дека мисијата на Светите браќа Кирил и Методиј е еден од првите примери на поврзување на различни култури со истовремено почитување на разликите.

– Тоа е вредност на која ние и денеска се повикуваме, сеќавајќи се на нив и на историјата, истовремено свртени со поглед кон иднината за која велиме дека заедничките допирни точки не нè делат, туку нè поврзуваат. Оваа вредност, еве и после повеќе од 1150 години нè учи и нè инспирира. Во тој дух ние денеска можеме да кажеме дека почитувањето на делото на Светите браќа, заедно со сите останати словенски и други народи кои чувствуваат ист долг кон нивната мисија и наследство, и ја слават нивната цивилизаторска мисија со достоинство и чест, е обединувачки фактор толку значаен за нашата современост и иднина – порача премиерот.