Фото: Маја Јаневска-Илиева

Научен собир во МАНУ посветен на Крсте П. Мисирков

Излагањата на научниот собир во МАНУ беа израз на современата македонска научна мисла, која се стреми да го потврди значењето на Мисирков и во неговото дело да ги пронајде одговорите за предизвиците на денешнината, поврзани со (гео)политичките премрежиња за зачувување на македонскиот национален идентитет и посебноста на македонскиот јазик

Во Македонската академија на науките и уметностите, вчера се одржа научен собир, посветен на делото на Крсте П. Мисирков, човекот што на почетокот на 20 век го постави и претстави своевидниот научен концепт на македонизмот и основите за кодификација на македонскиот литературен јазик. Излагањата на научниот собир во МАНУ беа израз на современата македонска научна мисла, која се стреми да го потврди значењето на Мисирков и во неговото дело да ги пронајде одговорите за предизвиците на денешнината, поврзани со (гео)политичките премрежиња за зачувување на македонскиот национален идентитет и посебноста на македонскиот јазик.

Потсетувајќи на статијата на Мисирков од 1925 година, „Самоопределението на Македонците“, претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев, во своето обраќање со кое го отвори научниот собир, ја нагласи денешната актуелност на тогашните Мисиркови согледувања и размислувања. Академик Коцарев, како особено соодветни на сегашноста ги цени зборовите на Мисирков: „Мислам дека само во слогата, во соработката помеѓу Србите, Македонците и Бугарите е спасот на сите нас. Србите и Бугарите спореа, печалеа Грците и Романците, ја загубија Македонија, Тракија и Добруџа. Најважниот услов за соработката помеѓу Србите, Бугарите и Македонците е, меѓутоа, полната слобода во самоопределувањето на Македонците. И ете за последново прашање јас го истакнав принципот на македонскиот патриотизам и национализам, како наполно неутрален и задоволувачки и за Србите и за Бугарите и за Македонците; засега можеби поправилно би било да се рече дека еднакво не ги задоволува ни Србите, ни Бугарите, ниту пак Македонците.“

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Сепак во своето обраќање, Коцарев констатира дека геополитичката карта на светот денес е сосема различна од онаа во 1925 година.
– За жал, денес сме соочени со непринципиелни уцени, закани, ненаучни аргументи, бесмислено барање дека македонскиот идентитет и македонскиот јазик имаат бугарски корени, апсурдно барање својата национална генеза Македонија да ја дефинира онака како што тоа го бара една соседна држава. Македонија, се надевам, нема да отстапи од одбраната на македонскиот идентитет и македонскиот јазик, тие имаат словенски карактер, но не бугарски. Геополитичките игри, во некои можни сценарија, за жал, може да предизвикаат штетни последици и за Македонија и за Бугарија. За тоа треба да бидат свесни и македонските и бугарските политичари. Така, зборовите на Мисирков се денес многу актуелни, „други ќе печалат“, ние ќе губиме – кажа Коцарев на отворањето на научниот собир за Мисирков во МАНУ.

Свои излагања за Мисирков на научниот собир имаа академиците Катица Ќулавкова, Витомир Митевски, Драги Ѓоргиев, Марјан Марковиќ, но и универзитетските професори: Билјана Ристовска-Јосифовска, Ганка Цветанова, Димитар Пандев, Лилјана Макаријоска, Симона Груевска-Маџовска, Игор Радев, Венко Андоновски, Валентина Миронска-Христовска, Васил Тоциновски, Лидија Тантуровска, Људмил Спасов, Елена Јованова-Грујовска, Виктор Габер, Далибор Јовановски, Ристо Солунчев.
На собирот беа промовирани и изданијата: „Преродбата и по неа: Григор Прличев, Димитрија Чуповски“, чиј промотор беше Витомир Митевски, како и „Марко К. Цепенков“, „Македонската народна култура и фолклористиката“ со промоторот Ермис Лафазановски. Во оваа прилика свечено беше откриена скулптурата „Портрет на Крсте Петков Мисирков“ од акад. Боро Митриќески, промовирана од Газанфер Бајрам.