Илустрација: „Нова Македонија“

– Ако се толкува политичката географија од каде што се фрлаат „бомбите“, не може да се занемари и заднината на пораката што се испраќа. А во случајот со Македонија, „бомбите“ доаѓаат од три континенти, Европа, Америка и Русија

– Малку е веројатно дека токму сега италијанскиот новинар, како и претходно Ел Чека од Њујорк и Громовникот од Русија самоиницијативно решиле токму сега да ги објавуваат компромитирачките видео и аудиоматеријали, без некој претходно „пријателски“ да ги „потапка“ по рамото

Италијанскиот весник „Ла верита“ продолжи да ја бранува македонската јавност со објавувањето на видео и аудиозаписи во врска со случајот „Рекет“, а по претходните објави што ги направија и Илија Громовник и Ел Чека, се наметнува прашањето дали „бомбардирањата“ се случајност и уште колкав и каков арсенал наменет за Македонија се крие низ „оружарниците“ низ светот.

Во најновата вчерашна објава во „Ла верита“ се слушаат наводни договарања околу исплатите што треба да се направат за да се издејствува подобра позиција на обвинет, а во еден момент се слуша и глас што потсетува на еден обвинител од СЈО.
Јавноста изминатите денови целосно е преокупирана со содржините на овие разговори, а барање за разврска на случајот стигнува од сите страни.

Симптоматично е што и објавата на овие материјали се случува во италијански весник, наводно близок до десницата, непосредно откако македонската влада најави дека ќе започне отворена борба со медиумите во земјава, кои шират лажни вести.
Претходно „бомби“ се појавија на профилот на таканаречениот Илија Громовник објавени во Русија, а Ел Чека од САД објавуваше компромитирачки аудиоматеријали за членови на ДУИ преку Фејсбук.

Според географијата од каде што се фрлаат „бомбите“, не може да се занемари и заднината на пораката што се испраќа. Секогаш е важно од каде се испраќа пораката, бидејќи тоа ја дава тежината. Малку е веројатно дека италијанскиот новинар сега, и претходно Ел Чека и Громовникот самоиницијативно се решиле токму сега да ги објавуваат материјалите, без некој „пријателски“ да ги „потапка“ по рамото.
Постојаните обвинувања меѓу власта и опозицијата дека некој намерно ги кочи евроатлантските интеграции на земјата одат во таа насока, па фрлените „бомби“ против функционери на ДУИ од американска почва можеби имаат цел да упатат некаква порака до албанската партија во власта.
Слично е и со „бомбите“ што одекнаа во Македонија, а беа фрлени од руска почва, чија скриена порака можеби може да се протолкува и како обид за опструирање на зачленувањето на земјата во НАТО.

Најновите бомби доаѓаат од Италија, земја што има традиционално добри односи со Русија, но од друга страна, таа е и еден од клучните играчи и во НАТО и во ЕУ. Како и да се земе, фитилите на бомбите се запалени далеку од Македонија, иако последните и разорната моќ од експлозијата се однесуваат само и исклучиво врз државата. Од друга страна, не смее да се занемари ниту фактот што трите земји, или континенти, од каде што доаѓаат „бомбите“ имаат и свои различни интереси и политики во однос на Македонија.


Ако се погледне потеклото на пораките географски, изгледа дека сите прсти се вперени кон Македонија, на која ѝ се порачува „внимавајте што правите, ве гледаме“.
Токму тоа го кажува и Ларис Гајзер, новинар и сопственик на италијанскиот весник „Ла верита“, во кој се појавија најновите „бомби“ во врска со случајот „Рекет“.
– Од 2015 година ги следам и известувам за тоа како група некомпетентни политичари (десни и леви) со помош на непријателски странски сили бесрамно играат со секојдневниот живот и судбина на македонскиот народ. Заслепеноста на политичките елити измешана со злобните меѓународни притисоци ја донесоа Македонија до корупција и опасен пример за општоприфатен ограничен суверенитет. Сите мои претходни прилози и говори го докажуваат напорот да ја заштитам Македонија од понижување, да ја предупредам ЕУ за нејзиното недолично однесување и да ја поштедам меѓународната заедница од создавање неприфатливи преседани – пишува Ларис Гајзер на својот фејсбук-профил, по објавата на „бомбите“.

Познавачите на состојбите во медиумската сфера, но и на геополитичките случувања, оценуваат дека пласирањето на снимките во странски медиуми не е ништо ново и дека денешната технологија овозможува брзо преземање и ширење на вестите, без оглед каде се објавени, но дека сè се прави со некоја цел.

– Станува збор за една голема игра, дали да се оди на нови избори, дали да се собори актуелната влада. Мислам дека станува збор за големи влогови, каде што влог може да биде и судбината на државата – смета Мирче Адамчевски од Советот за етика во медиумите во Македонија.

Според него, оние што ги пласираат овие снимки, ако не можат да го направат тоа во домашните медиуми, го прават преку странските.
– Трагично е што народот не гледа дека ова што се случува не е случајно, дека го замајуваат. Што ќе излезе на крајот, ќе видиме, но едно е јасно, станува збор за голема игра – истакна Адамчевски.

Повеќе од јасно е дека игрите околу Македонија не престануваат. Добро е ако крајната цел е земјата навистина да се исчисти од корумпирани политичари и институции и да зачекори по европскиот пат, но лошо е доколку целото сценарио е да нè снема. Која е вистината, времето ќе покаже.


Катица Јанева: Контактирав со Камчев, но во интерес на истрагата

По најновата објава на снимките, специјалната обвинителка Катица Јанева писмено се обрати до јавноста, при што тврди дека имала оправдана причина за нејзино обраќање до осомничениот во „Империја“.
– Како специјален јавен обвинител моја обврска е да контактирам со сите осомничени како и со други лица во врска со кривичните постапки, кои се водат во ова Јавно обвинителство и од сите нив да се обидам да извлечам што поголем број информации за да ја подобрам позицијата во контекст на осомничените за секоја истрага/предмет поединечно – пишува Јанева, притоа повикувајќи ги истражните органи што поскоро да ја завршат истрагата за случајот „Рекет“.
Таа додаде дека против неа се води хајка бидејќи истрагите довеле до сегашни и поранешни функционери од власта.


Обвинителката Стефанова го впери прстот кон Јанева

И обвинителката од СЈО Лиле Стефанова се огласи во медиумите, откако во еден разговор во снимките се споменува и нејзиното име.
– Целосно е невистинито искажувањето на осомничениот Јордан Камчев во објавената снимка во која си дозволил да го употреби моето име. Сметам дека целта на ова изнесување е да ме дискредитира како обвинител што ја води постапката против него, особено што го снимал разговорот со лицето Бојан Јовановски – нагласува Стефанова, притоа додавајќи дека Јанева била таа што инсистирала обвинетите во „Империја“ да не одат во затвор.


ЈО тврди дека снимките не се од кај нив

Јавното обвинителство негира дека снимките објавени во „Ла верита“ потекнуваат од кај нив.
– ЈО ја известува јавноста дека снимките објавени во еден италијански медиум поврзани со предметот „Рекет“ не се добиени од Обвинителството. Станува збор за аудио и видеоматеријали, кои се дел од доказната постапка во предметот и кои до Јавното обвинителство беа доставени од сведок во предметот – се вели во соопштението од ЈО.


ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ бараат целосна истрага

Со реакција по најновата објава на снимките со осомничените во „Рекет“ се јави и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
– Зоран Заев велеше дека Катица Јанева е добар човек со капацитет, дека не се откажува од неа и дека тоа е неговата црвена линија. Но денес, прашањето е дали сѐ уште верува во капацитетите на Јанева и дали можеби е тоа причината зошто не проаѓа законот за обвинителство, та нели Катица треба да биде дел од Републичкото обвинителство? – запраша Мицкоски на својот фејсбук-профил.
Според него, зад целиот случај стојат лица од највисокото владино раководство, како и луѓе од правосудните органи.
За власта истрагата мора да продолжи и секој мора да одговара за своите постапки.
– Истрагата мора да ги открие сите детали. Секој да одговара за своите постапки. Граѓаните заслужија правда! – напиша премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев на Фејсбук.