Владата одлучи гасоводната делница Скопје – Тетово – Гостивар, што е предвидено да заврши до Охрид, да продолжи да се гради по истата рута, но со неколку измени и мерки, најави директорот на Македонски енергетски ресурси (МЕР) Бајрам Реџепи во интервју за МИА.
– Се предвидува да се намали ширината на работниот појас од 25 на 10 метри и да се измени трасата на самиот врв на Водно каде е високостеблестата шума. Новопредложената траса ќе биде покрај една постоечка патека и постоечки пат, само се предвидува да се прошири од лева и десна страна по неколку метри и со тоа уште повеќе ќе се избегне сечењето на шумата на Водно, која според анализите на јавното претпријатие Паркови и зеленило Скопје изнесува околу 1.400 метри кубни сеча на дрва – вели Реџепи за МИА.
Измените на трасата, додава, се направени после преговорите со граѓанските организации кои се противат на изградба на гасоводот низ парк шумата Водно, а Владата одлучи неколкукратно да ја компензира исечената шума со пошумување на овој предел и да се врати во првобитна состојба за неколку месеци.
– Трасата од оваа делница се гради на јужната страна на Водно, која во поголемиот дел не е пошумена. Од Сопиште оди кон врвот на Водно, цело време по јужната страна, и се спушта кон Матка. Придобивките ќе бидат повеќекратни. Ќе се пошумува многу поголема површина отколку што ќе се сече, ќе биде многу убава и рамна патека што ќе се користи за пешачење, а појасот што ќе се направи ќе служи и како препрека во случај на пожари – потенцира Реџепи.
Во интервјуто за МИА што во целост ќе биде објавено утре, директорот на МЕР говори и за текот на изградбата на магистралните гасоводи од Неготино до Битола и од Скопје кон Гостивар со крак до Тетово, како и за интерконекциите со соседните држави.