Фото; МИА

Комисијата за заразни болести препорача укинување на сертификатите задолжителни за влез во трговските центри, односно онаму каде што е задолжително носење маски.

– Донесовме еден заклучок, а тоа е да се препорача укинување на сертификатите задолжителни за присуство на моловите. Ова е еден чекор во насока на олеснување на рестрикциите, но секако за следнитот развој ќе бидеме многу внимателни, бидејќи не сакаме со нагло отфрлање на сите мерки да постигнеме неочекувани резултати – рече денеска на прес-конференцијата по состанокот, претседателот на Комисијата Александар Петличковски.

Според препораките, сертификатите нема да бидат задолжителни за влез во трговските центри, но ќе треба да се покажуваат во деловите каде што се служи храна, исто како и во другите угостителски објекти.

Од Комисијата за заразни болести посочија и дека од денеска почнува кампања за закажување термини за сите оние кои имаат нецелосна вакцинација, односно тие што немаат примено бустер доза, а спаѓаат во ризичните групи.

– Ризични групи граѓани, односно оние кои имаат над 65 години и имаат коморбидитети или помлади од 65, а имаат повеќе коморбидитети. Ќе им стигне СМС порака која ќе ги извести дека треба во точно одреден термин да го посетат пунктот за да бидат вакцинирани – информираат од Комисијата.


Владата денеска не расправала за препораката за продолжување на важноста на сертификатите за прележаност

Препораката за продолжување на важноста на сертификатите за прележаност од ковид-19 не е разгледана на денешната владина седница.

Владиниот портпарол Мухамед Хоџа на прес-конференцијата во Владата информира дека за ова не е дискутирано на денешната седница затоа што првично препораките од Комисијата за заразни болести треба да бидат разгледани на Главниот оперативен кризен штаб.

– На денешната седница не се расправаше за ова бидејќи препораките и предлозите од Комисијата за заразни болести треба прво да се разгледаат на Оперативниот кризен главен штаб кој треба да заседава наредниве денови – изјави Хоџа, одговарајќи на новинарски прашања.

Комисијата за заразни болести препорачува важноста на сетификатот за прележаност да биде продолжена од сегашните 45 на 180 дена.