Во последните 24 часа се направени 1.173 тестирања, а регистрирани се 134 нови случаи на ковид-19, соопшти вчера министерот за здравство Венко Филипче. Во истиот период, како што информира министерот, починале уште осум пациенти.

На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби починаа три лица од Скопје, пациент (68) хоспитализиран на 6 јуни, пациентка (65) хоспитализирана на 13 јуни и пациентка (76) хоспитализирана на 7 јуни.

Во ГОБ „8 септември“ починаа две лица од Скопје, пациент (77) примен на 6 јуни и пациентка (77) хоспитализирана во болницата на 10 јуни. На Клиниката за урологија почина пациент од Куманово (68).
Во КБ Тетово се починати две лица на 13 јуни, пациент (67) и пациентка при прием (71).

Институтот за јавно здравје, во меѓувреме, регистрирал 34 оздравени пациенти.
Досега во земјата се направени вкупно 45.054 тестирање за ковид-19. Од направените тестирања во изминатото деноноќие 95 се во рамките на скринингот во градинки во Штип и во Охрид, при што не се регистрирани позитивни резултати на ковид-19.
Вкупната бројка на дијагностицирани со ковид-19 во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 4.289, бројката на оздравени пациенти е 1.757, на починати е 201, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 2.331.