Комисијата за заразни болести ја разгледува можноста за воведување имунолошки пасош за нашите граѓани, кои би патувале надвор од земјава, како и за странци, кои би пристигнувале по отворањето на границите. Министерот за здравство, Венко Филипче, вели дека засега можноста само се разгледува, а земјите немаат консензус за воведување на имунолошкиот пасош. Во него треба да им податоци за направени негативни тестови на коронавирус за оние што планираат да патуваат.

Министерот Филипче рече дека пред два дена на состанок на Светската здравствена организација се разговарало делумно за имунолошкиот пасош за кој вели дека е актуелно прашање, особено во изминатите неколку дена.

– Имунолошкиот пасош е сè уште на ниво на размислување на одделни земји. Дилемите се кој е тој протокол што ќе се признае како валиден, колку денови направениот тест ќе важи како валиден, колку ќе се комплицира целиот тој процес ако станува збор за краткотрајни патувања на еден или два дена и, на крајот, каква е гаранцијата од земањето на тестот па сè до влегувањето во некоја земја дека некој не се заразил од вирусот. Многу отворени прашања. Ние дискутиравме во рамките на нашата Комисија, засега, во согласност со овие препораки, сметаме дека нема некаква голема вредност во смисла на сигурност, но сме отворени за опцијата и за наши граѓани што би патувале и за странци што треба да дојдат доколку станува збор за пристап на повеќе земји во смисла на регионален пристап или во земји од Европската Унија. За ова прашање сè уште нема некој поширок консензус. Повеќе земји го разгледуваат, вклучително и ние. Засега немаме став – рече министерот Филипче.

Владата на 14 март донесе одлука, поради коронавирусот, да се затворат сите гранични премини, со исклучок на граничнините премини Богородица, Ќафасан, Табановце, Блаце и Деве Баир. Со оваа одлука затворен беше и аеродромот во Охрид. Два дена подоцна, на 16 март, беше донесена одлука да се затворат сите гранични премини, вклучително и скопскиот аеродром.

За повторното отворање на границите, препорака до Владата треба да даде Комисијата за заразни болести.