Радиоаматерите во минатото беа најактивни во ситуации на елементарни непогоди и вонредни состојби, како што е актуелнава состојба со пандемијата, но и денес се користи овој вид техника во местата каде што нема интернет и друг вид комуникација
Подзаборавени алатки за кореспонденција
Во време кога пандемијата на коронавирусот го парализира светот, а сè повеќе луѓе работат од дома, не се исклучува можноста до дојде до преоптоварување на мрежите и да се случат прекини на комуникацијата, па во такви случаи од помош би можеле да бидат радиоаматерите преку стариот начин на комуникација, со радиостаниците.
Тие во минатото беа најактивни во ситуации на елементарни непогоди и вонредни состојби како што е актуелнава состојба со пандемијата, но и денес се користи овој вид техника во местата каде што нема интернет и друг вид комуникација.
Во Македонија има неколку стотини радиоаматери, кои се здружени во Радиоаматерски сојуз на Македонија (РСМ), кој е основан уште во далечната 1946 година.
Со радиоаматеризам може да се занимава секој што има положено стручен испит за некоја од радиоаматерските специјалности и поседува соодветна техничка опрема. Аматерските радиооператори при полагањето се тестираат за познавањата на основите на електрониката и регулативата од областа на радиосообраќајот.
– Радиоаматерите, во однос на улогата што ја имаа пред 30-40 години, напредуваат. Како што генерално напредува техниката, така напредуваат и радиоаматерите. Секогаш бевме авангарда во техниката на телекомуникациите. Денес најголема улога на радиоаматерите е во тоа да помагаме во сите можни ситуации, како земјотреси, поплави, големи катастрофи и дури и сега, како во случаи на пандемија – вели Зоран, радиоаматер од Скопје.
Сепак, радиоаматерите се жалат дека сега состојбите во овој сектор не се организирани како во времето на поранешната држава.
– Радиоаматерите секогаш играле голема улога во време на природни катастрофи. Таков беше случајот со катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година, кога единствената врска на градот со светот беше токму преку радиоаматерите. Сега со оваа дејност се занимаваат индивидуалци, кои сами нарачуваат делови и составуваат радиостаници. Повеќе е како хоби, но дури и така може да помогнат ако дојде до пад на мрежите – велат радиоаматери што подолги години се занимаваат со оваа дејност, но посакаа да останат анонимни.
Според нив, сега државата не инвестира во оваа дејност и затоа и интересот не е многу голем.
– Во ситуацијата со коронавирусот, добро би било да се организира една мрежа на радиостаници што би помогнале било да треба да се набави некаков лек, да се достават разни информации и слично. Проблем е што порано државата инвестираше во опрема и обука на кадри за управување со радиостаниците, но по осамостојувањето на Македонија тоа не е случај – нагласуваат радиоаматерите со кои се консултиравме.
Без оглед на големите технолошки достигнувања, никогаш не треба да се заборави на постарите технологии, кои во услови на вонредни состојби во повеќе наврати ја оправдале својата намена.
За разлика од интернетот, радиоаматерските комуникации се пофлексибилни и не може да бидат целосно прекинати, што само го истакнува големото значење во вонредни околности, кога практично се незаменливи.