Словенија ќе овозможи масовна вакцинација против Kовид-19 во март, изјави денеска во Љубљана координаторот на владата за вакцинација, Јелко Кацин, и најави дека утре пристигнуваат уште 24.000 дози од вакцината на „Астра зенека“.

Тој изјави дека Словенија има уште 15.000 дози во резерва и дека покрај утрешната испорака, очекува уште 40.000 дози на почетокот на следната недела.

– Ние сме организирани така што можеме да вакцинираме од 500.000 до 600.000 луѓе месечно, што значи околу 30.000 секој работен ден – рече Кацин.

Сепак, „Хина“ објави дека, поради недостиг на вакцини, околу 240.000 граѓани ќе може да се имунизираат во март.

Следната недела, според владиниот план, наставниците и воспитувачите во училиштата и градинките ќе бидат вакцинирани, што е приоритет со оглед на претстојното отворање на средните училишта.

Кацин оцени дека вакцината на „Астра зенека“, која ќе пристигне во поголеми количини, е многу ефикасна и безбедна и дека граѓаните се заштитени од болеста девет месеци по примањето на втората доза.