Фото: Приватна архива/Д-р Мирјана Јовановска-Стојановска

Од Комората на психолозите на Македонија велат дека од почетокот на пандемијата, во првите месеци на карантинот, а и до ден-денеска, се со „полни раце“ работа. Тогаш, а и сега, кога броиме бројни мутации на коронавирусот, а дојдени сме до сојот омикрон, потребата од психолошката помош не стивнува. Сега е „пет минути по дванаесет“

Веќе две години се справуваме со ковид-пандемијата, која остави трајни, неизбришливи траги. Загубени се многу човечки животи, оставени се здравствени последици, но, што е многу битно, и психолошки трауми, во некои случаи, и за целиот живот. Особено во семејствата каде што е загубен човечкиот живот.
Но, што е со психолошките трауми, како и дали може луѓето сами да се носат со нив или, пак, неопходна е психолошка помош?

Од Комората на психолозите на Македонија велат дека од почетокот на пандемијата, во првите месеци на карантинот, а и до ден-денеска, се со „полни раце“ работа. Тогаш, а и сега, кога броиме бројни мутации на коронавирусот, а дојдени сме до сојот омикрон, потребата од психолошката помош не стивнува. Сега е „пет минути по дванаесет“, и е повеќе од потребна психолошката помош. Наместо „дијазепам“, кој ќе ве прати „во заборав“ неколку часа, потребен е разговор за сето што ни се случува, можност да се избориме. Ни треба решение да се избориме со ситуацијата, која трае две години, а нема назнака за крајот.

– Првите денови кога почна ковид-кризата во Македонија, Комората на психолозите организираше психолошка помош, психосоцијална поддршка за луѓето кои беа ковид-позитивни, за нивните семејства, за оние кои беа во изолација. Кога траеше вонредната состојба, 30-40 психолози беа достапни преку интернет, на телефон. Имаме податоци за целата држава за сите кои се плашат од болеста, за оние кои беа позитивни, за оние кои се плашат за своите блиски. Кога заврши вонредната состојба, продолживме да работиме онлајн, луѓето продолжија да се јавуваат. По извесно време и редовните кои се јавуваа, почнаа да се жалаат на тешкотиите кои ги предизвикува оваа состојба, изложени на еден долготраен страв и на притисок на точни и неточни информации, за тоа каде треба да се обратат, како да се лекуваат, што ќе се случи откако ќе се заразат, што ќе биде потоа, какви се последиците од болеста, што ќе биде со работата… факт е дека личноста не може да издржи без последици по големиот притисок. Периодот е долг, веќе две години е притисокот врз личноста. Сите овие советувалишта кои беа: психотераписки кабинети, здруженија кои нудеа психолошка помош, останаа да работат со полн капацитет сето ова време – објаснува Мирјана Јовановска-Стојановска, претседателка на Комората на психолозите на Македонија за МИА.

За тоа дали ни се потребни официјални ковид-психолошки советувалишта, психолозите се едногласни дека се потребни. Сметаат дека живееме реалноста со пандемијата, со психолошкиот притисок.

-Иницијативата на Комората да помогне, прво на здравствените работници, наиде на молк и е без одговор – смета Јовановска-Стојановска, која нагласува дека ни треба системско решение.

Психолозите велат дека државата е „заспана“ за оваа ситуација.

– Ние пративме неколку електронски пораки до Министерството за здравство, нудевме помош и за здравствените работници, помош која би била организирана и добро осмислена. Не добивме никаков одговор, никогаш потоа никој не се заинтересирал, ниту нè повикал, ниту нè прашал за тоа. Луѓето кои се јавуваат, а работат во здравството, се јавуваат по сопствена иницијатива и добиваат помош од нас. Но, ќе повторам, тоа покажува воопшто недостиг, ја нема организираната психолошка помош за луѓето во нашата држава, која би требало да биде на државно ниво. Нашиот систем да го организира сето тоа. Навистина ќе биде достапно до сите кои имаат потреба. Ние претходно говоревме за идејата во примарното здравство да може да се воведе психолошка помош. Така, луѓето кои ќе дојдат да побараат помош за физичкото, да ја имаат и за менталното здравје – вели Јовановска-Стојановска.

Потребни се законски измени и цврста определба за официјални ковид-психолошки советувалишта.

– Да, треба да има промени во законот, во стратегијата за заштита на менталното здравје. Законот за ментално здравје добро е направен, но таму се предвидува помош за луѓето кои имаат одредени заболувања и тешкотии во функционирањето. Но, со оглед на тоа дека сите ние веќе две години живееме под притисок, на сите нам ни е потребна психолошка помош. Односно, наместо да земеме да пиеме дијазепам, а има статистики дека огромен број лекови се пропишани и огромен број население ги пие, ни треба психолошка помош и терапија. Треба да направиме нешто за доброто на народот. А тоа е, да им понудиме стручна психолошка помош. Сите кои работеа и овие две години стекнаа огромно искуство со луѓето и нивните трауми, треба да им бидат на располагање на луѓето – официјално. На тие што им е потребно лекување – физилошко, ќе побараат, но потребно е лекување на психата. Ќе нагласам, тоа е многу битно да се организира на ниво на државата, системски, во сите здравствени единици, да биде достапно за населението. Наместо да им се пропише дијазепам, да разговараат, барем 45 минути со психолог, да си најдат механизми како ќе се смират. „Дијазепамот“ ќе заврши услуга за неколку часа, но не го решава проблемот во кој живеат луѓето. Психолошката помош, пак, ќе им помогне на луѓето да изградат механизми, начини за да се справат со состојбата во која живеат. Самите да ги пронајдат одбранбените механизми. Да најдат свои начини на справување, нешто што ним ќе им одговара во дадената ситуација. И, тогаш, нема потреба да се земаат лекови – објаснува Јовановска-Стојановска.