Автор: Кенет Росен

Њузвик

Во едно кафуле во северна Италија, двајца газди дискутираа за новиот вирус, за мерките и за загриженоста меѓу граѓаните додека го чекаа своето кафе. Со кафето в раце се замислив за локалната неодлучност и мојата лична загриженост.

– Сите избегаа. Јас размислував да затворам и да одам една недела на одмор, затоа што не морав да работам и времето беше погодно. Решив да резервирам авионски лет, но цените беа превисоки. Одлучив да тргнам на север со кампер, но тогаш ги затворија патиштата и воведоа карантин – ми објасни жената која го подготви кафето.

Овој разговор се случи во локалното кафуле во близина на планинската куќа што се издигнува над градот и имав поглед кон долината каде што движењето се одвиваше нормално, како и она на амбулантните возила. Сè што е далеку не е опасно. Но состојбата се промени само за неколку дена. Кружеа гласини дека се раширил нов коронавирус во Ломбардија која е соседна со Венето каде што престојувавме. Почнаа да се јавуваат случаи во Милано каде што е еден од најголемите аеродроми во државата. Следеа тестирања, илјадници се разболеа, а стотици беа критични или умираа. Во Ломбардија беше прогласен карантин, жителите мораа да останат дома, а да излегуваат само за најнеопходните пазарувања за храна или лекови.

Жителите на моето село воопшто не беа загрижени, затоа што сметаа дека вирусот ќе престане да се шири. Излегуваа во барови, ресторани, одеа на концерти и спортски настани. Паоло, еден од локалните жители, објасни дека „италијанските тестови се најдоверливи и најпрецизни во Европа, а италијанското здравство било најдобро во светот“ и притоа го исмеа американското.

Бев сведок како ковид-19 ги преполни болниците со пациенти, се јави недостиг на кревети и респираторни машини, докторите мораа да одлучат дали да интубираат постари или млади родители додека во ходниците други имаа сериозни тешкотии со дишењето, а снемуваа и кислородни боци. Италијанското здружение за анестезија, аналгезија, реанимација и интензивна нега (СИААРТИ) издаде критериуми за докторите што повеќе наликуваа на воена тријажа според која „предност им се дава на пациенти со поголема шанса за заздравување“. Докторот Даниеле Макини од болницата во Бергамо порача „вирусот да не се третира како лош грип, затоа што деноноќно се борат со него како во воени услови“.

Иако починатите во Италија спаѓаат во старосната група над 70 години со хронични заболувања, сепак едно од пет лица на возраст меѓу 18 и 50 години било позитивно на ковид-19. Првиот пациент (38) успеа самостојно да дише по тринеделен третман. Среде одложените погреби, можното откажување на јавниот превоз и општиот недостиг од 3.000 доктори во болниците, решив да си заминам од страв за да не останам заробен. На аеродромот во Венеција се почитуваше хигиената, патниците носеа маски и ја почитуваа дистанцата. Еден од тамошните продавачи се шегуваше дека е опремен со гел за дезинфекција на раце и ракија.

За помалку од еден месец подоцна, премиерот Џузепе Конте воведе целосен карантин во Италија. Сите граѓани потпишуваа изјави за самоизолација и дозвола за излегување од дома. Други земји го следеа овој пример, а ЕУ реши да ги затвори границите.

– Кина воведе ефикасни, но недемократски мерки. Иран, кој не е демократија, не реагираше така. Европа е сега на тест, а за жал Италија е експериментален глушец – изјави Матео Салвини, поранешниот италијански премиер за „Ла република“.

Кога се вратив во САД сфатив дека треба да учиме од искуството на Италија затоа што одговорот беше итен. Американското здравство иако е подготвено да даде одговор на пандемија, сепак има свои маани. Не постои платено боледување, луѓето одат нормално на работа, тестирањето беше одложено, а здравствените власти првично не ги сфатија сериозно пораките. Еден доктор од Масачусетс ми рече дека „мора сега да се започне со тестирање за да се има повеќе информации за болеста“. Претседателот Доналд Трамп прогласи вонредна состојба откако СЗО прогласи пандемија. Од еден влегов во друг карантин.

– Масачусетс е помал од Италија и има регистрирани 100 случаи. На почетокот во Италија имаше 159 случаи. Мораме веднаш да реагираме, сериозно да ги подготвиме болниците, да работиме од дома и да почнеме со тестирања – на почетокот од март за „Блумберг“ изјави Сем Скарпино, професор од епидемиолошката лабораторија на универзитетот „Нортистерн“.

САД ги забрани меѓународните пристигнувања, препорачаа ограничување на движењето и да работат само најнеопходните бизниси, затоа што вирусот не познава граници.

– Меѓународните патни ограничувања и прегледи на границите се докажана стратегија во борбата против епидемијата. Најефикасни се кога се воведуваат во раната фаза. Кога една држава има многу свои граѓани надвор од границите, намалувањето на бројот на увезени случаи ќе има минимален ефект – смета Елизабета Гропели, професорка на универзитетот „Сент Џорџ“ во Лондон.

Иако Јапонија, Кина и Јужна Кореа регистрираат мал број на новозаболени, Америка е во хаос. Луѓето масовно купуваат гелови за дезинфекција на раце и тоалетна хартија за потоа да ги продаваат по далеку повисоки цени на „Амазон“ (ваквите обиди беа спречени). Граѓаните се поздравуваат со лакти, а во супермаркетите панично се купува и секое кашлање е сомнително.

– Сметаме дека сме девет до десет дена зад Италија. Со мерките што се преземени, ако ги почитуваме, ќе успееме да спречиме драстичен пораст на бројот на случаи – порача д-р Елизабет Волен, здравствена комесарка од округот Олбени.

Овие препораки се испишуваат на електронските патокази на автопатите по кои сообраќајот се одвива сосема нормално како и во обичен ден. На радијата се емитуваат препораки за ограничувања на собири со не повеќе од 10 лица покрај рекламите за промовирање локални фестивали, концерти и настани за славење на пролетта.

Превод: Билјана Здравковска