До декември уште 134.000 лица во САД би можеле да починат од ковид-19, доколку не се воведат дополнителни мерки за превенција, додека актуелната состојба со пандемијата значително би се влошила доколку се олеснат мерките што во моментов се во сила. Ова се наведува во истражувањето на Институтот за здравствена проценка на Универзитетот во Вашингтон.

Директорот на институтот Крис Мари за Си-ен-ен изјави дека околу 70.000 животи би можеле да бидат спасени во САД доколку Американците носат повеќе заштитни маски.

Од почетокот на пандемијата со коронавирусот во САД се пријавени најмалку 176.000 смртни случаи. Според предвидувањата на Институтот, освен ако не се случи промена во начинот на кој американските власти се борат со пандемијата, бројот на загинати и во текот на есента ќе продолжи да расте и до 1 декември ќе достигне околу 310.000 смртни случаи.

Оваа бројка би можела да се намали за околу 70.000 доколку многу поголем број Американци носат заштитни маски. За таков резултат неопходно е околу 95 отсто од американското население да носи маски.