Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, нареди денеска привремено да се затворат сите образовни институции во градот и да се одложат големи јавни настани во обид да се спречи ширење на коронавирусот, од кој во Русија досега се заразени 93 луѓе. 

Училиштата и универзитетите ќе бидат затворени од 21 март до 12 април во очекување на нови проценки на ситуацијата.

Настани со повеќе од 50 луѓе се забранети до 10 април. На повозрасните им се советува да останат дома, a jавниот превоз ќе продолжи со работа, но патниците нема да можат да купат билети кај возачот, се наведува во соопштението од градоначалникот.

Од вкупниот број заразени во земјата, само во Москва има 53 случаи. Починати се уште нема.

Патниците кои сакаат да влезат во Русија, а доаѓаат од САД, Обединетото Кралство, ЕУ, Украина, Белорусија, и сите други европски земји кои не се во ЕУ, како и оние кои живеат со нив, ќе мораат по пристигнувањето да останат 14 дена во самоизолација.