Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејсус, смета дека пандемијата на коронавирусот во моментот е во многу опасна фаза.

– Иако постигнавме напредок во контролирање на пандемијата, таа сè уште е во многу опасна фаза – рече шефот на СЗО на состанокот на АЦТ, глобалната рамка за соработка против ковид-19, пренесуваат агенциите.

Тедрос верува дека во сегашната ситуација единствениот излез е да се поддржат земјите во фер дистрибуција на опрема за лична заштита, тестови, третман и вакцини бидејќи земјите со доволно инструменти за борба против новиот коронавирус веќе почнаа да ги олеснуваат ограничувањата на пандемијата, а оние што речиси и да немаат пристап до ваквите ресурси се соочуваат со закана од нови бранови, хоспитализации и смртни случаи.

– Бројот на новозаразени од коронавирус и смртни случаи, генерално, може да се избегне доколку се користат сите алатки што ни се достапни за да спречиме пренесување на вирусот – нагласи директорот на СЗО.

Тој исто така смета дека потпирањето на само неколку компании за снабдување со глобални јавни добра се покажа како ограничено и ризично и дека треба да се извлечат поуки од пандемијата на ковид-19 за светот да биде подготвен за следната.

Од почетокот на пандемијата на ковид-19 во светот се регистрирани 183.934.913 случаи на заразени од коронавирус, а според СЗО, бројот на смртни случаи како последица на оваа болест е 3.985.022 лица.