Еврокомесарот за проширување и добрососедска политика Оливер Вархеји, по средбата во Бугарија со претседателот Румен Радев, премиерот Кирил Петков и министерката за надворешни работи Теодора Генчовска, очекува Софија во рок од три недели да се согласи за почеток на преговорачкиот процес со Скопје.
Eврокомесарот Вархеји на Твитер напиша дека наскоро ќе се врати во Софија за да се најде заеднички прифатливо решение за отворање на преговорите со земјава.
– Интензивна средба со министерката Теодора Генчовска во Софија. Разговаравме за директните последици од војната во Украина за Западен Балкан и пошироко. Работиме на заемно прифатливо решение за да можеме да ги започнеме преговорите со РС Македонија и Албанија со одржување на меѓувладина конференција во јуни. Го ценам отворениот дијалог со бугарскиот претседател Румен Радев. Важноста да имаме стабилен и просперитетен Западен Балкан нема цена. Во овој контекст, значаен придонес би бил одржувањето на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија. Треба да работиме на ова заедно. За три недели ќе се вратам во Софија за да најдеме заеднички основа и поддршка од Бугарија, за да го започнеме преговарачкиот процес со Република Северна Македонија во јуни – пишува евокомесарот Оливер Вархеји.