Илустрација/Фото: МОН

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) на вчерашната седница одлучи да поднесе тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес против Министерството за образование и наука (МОН) поради недостигот на учебници во основното образование.

Во образложението се вели дека одлуката е донесена поради повреда на правото на еднаков пристап до квалитетно образование на поголема група ученици од основното образование, извршена со необезбедување учебници по секој предмет и на сите јазици на кои се изведува наставата во задолжителното деветгодишно образование.

Можноста за тужба пред суд против министерството ден претходно ја најави членот на Комисијата, Весна Бендевска, која посочи дека доколу донесат таква одлука, тоа би било прв случај да се побара судска заштита како највисока заштита од дискриминација.

Комисијата објави дека од вкупно 126 учебници за сите задолжни и изборни предмети во деветгодишно основно образование, на почетокот од новата учебна година, МОН не обезбедило 43, односно недостигаат 34 отсто од вкупниот број учебници.

-По сите наставни предмети и на сите наставни јазици, учебници ќе имаат само учениците во прво и второ одделение – соопштија од Комисијата.

Од Министерството за образование и наука велат дека навремено се започнати и извршувани активностите за изработка на учебниците, усогласени со важечката наставна програма.

-Министерството нема законски механизми да влијае на пријавувањето на повиците за авторски тимови и повиците за рецензенти за нов учебник по одреден предмет. А, секој неуспешен повик, повлекува негово повторување, нови рокови и одолговлекување на постапката. Во меѓувреме, се случува да се неопходни корекции во текстовите на предложените учебници, што, исто така води до пролонгирање на процесот. По рецензентската проверка, текстот на учебникот до конечното одобрување, треба да го помине и филтерот на 17-члената Национална комисија за учебници – се вели во соопштението од МОН.