Фото: МИА

Белград и Приштина постигнаа договор за регистерските таблички, потврди високиот преставник за надворешна политика на ЕУ Жозеп Борел.

-Со радост ви соопштувам дека главните преговарачи на Белград и Приштина постигнаа договор за мерките, како би ја избегнале натамошната ескалација и во потполност се фокусираат на предлогот за нормализација на односите меѓу нив – напиша доцна вчера Борел на Твитер.

-Белград ќе престане да издава регистерски таблички со именување на косовските градови, а Приштина ќе ги прекине понатамошните акции поврзани со пререгистрација на возилата. Наредните денови ќе ги повикам страните да ги разгледаат следните чекори. Му изразувам благодарнсот на специјалниот претставник Мирослав Лајчак на напорната работа – додаде Борел.

Претходно во текот на денот специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Србија и Косово, Мирослав Лајчак изрази надеж дека во Брисел ќе се најде решение за смирување на тензиите во Косово.

Претседателката на Косово, Вјоса Османи му се заблагодари на амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Приштина, Џефри Ховениер, за договорот што синоќа во Брисел го постигнаа претставниците на Косово и Србија. Османи во објава на нејзината страница на Твитер ја оцени како мошне значајна американската улога во процесот на преговорите меѓу Косово и Србија во спречувањето на ескалацијата на состојбите.

– Сакам да му се заблагодарам на амбасадорот Ховениер и на американската влада за нивното активно залагање во постигнувањето на денешниот договор во Брисел. Нивната поддршка за процесот на дијалог меѓу Косов и Србија е неопходна. Косово е благодарно – напиша Османи.

Преговарачите на Косово и Србија, косовскиот вицепремиер Бесник Бислими и директорот на Канцеларијата за Косово при српката влада, Петар Петковиќ, синоќа во Брисел, со посредство на специјалниот пратеник на ЕУ, Мирослав Лајчак, се договорија Приштина да го одложи изрекувањето казни за косовските Срби кои не ги смениле српските со косовски регистерки таблички, додека Белград да престане да издава таблички со српски ознаки за возилата во северно Косово.

Портпаролот на американскиот Стејт департмент, Нед Прајс изјави дека САД го поздравуваат постигнатиот договор меѓу Белград и Приштина за регистарските таблички, што се „мерки за да се избегне понатамошна ескалација на тензиите“.

– Го поздравуваме договорот меѓу двете земји, кој целосно и итно ќе ги нормализира односите под покровителство на дијалогот на ЕУ. Го поддржуваме дијалогот со ЕУ како најдобар начин Србија и Косово да имаат европска иднина – посочи Прајс.

Тој додаде дека САД ја поздравуваат одлуката на двете страни да ги стават интересите на луѓето на прво место и да го подобрат квалитетот на секојдневниот живот.