Процедурата за пријавувањето на инвеститорите нуклерната централа „Белене“ беше јавна и транспарентна, а сега следува детално испитување на заинтересираните инвеститори, односно на нивниот потенцијал и планови, како што посочија бугарските власти, а пренесоа тамошните медиуми.

– Присуството на големиот број инвеститори е позитивен знак и покажува дека нуклеарната централа е потребна и може да биде профитабилна – кажа бугарскиот претседател Румен Радев, повикувајќи ги државните институции детално да ги проучат инвеститорите, потенцијалните ризици и нивните планови. 

Министерката за енергетика Теменушка Петкова, пак, одговори на критиките во врска со процедурата за пријавување на заинтересираните инвеститори.

– Процедурата беше јавна и транспарентна. Сите заинтересирани можеа да се пријават за учество во проектот – нагласи Петкова.

Вкупно 13 компании испратиле писма за намери до бугарското Министерство за енергетика за учество во проектот за нуклеарната централа „Белене“, информира бугарската министерка Теменушка Петкова, пренесуваат бугарските медиуми. Македонскиот интерес за проектот го потврди и вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

Седум писма се од компании кои планираат да бидат стратешки инвеститори во проектот, додека Македонија изрази интерес за малцински удел и потпишување на договор за снабдување со електрична енергија. Руската „Росатом“, кинеската „ЦННЦ“ и корејската „Кореја Хидро и Нуклеарна Електрична Компанија“ (КХНП), испратиле писма за намери, како и една компанија регистрирана во Германија и три бугарски понудувачи.

Работна група составена од претставници од бугарските надлежни институции треба да ги објави кандидатите од потесниот избор во наредните 90 дена, а потоа ќе бидат побарани обврзувачки понуди. Бугарската влада нема да ангажира консултанти за процесот на селекција што треба да се одржи во мај в година.

Планираната изградба на нуклеарната централа „Белене“ е предвидена во северниот дел на Бугарија, во близина на Дунав, со цел да ги замени реакторите на нуклеарната централа Козлодуј, кои се повлечени од употреба како дел од исполнувањето на условите за влез на Бугарија во Европската унија.

Во 2010 година, бугарската Влада го замрзна овој проект на неопределено време поради неизвесната профитабилност. Плановите за изградба на „Белене“ беа отфрлени и во 2012 година, но Бугарија го смени ставот откако беше наредено да и врати 600 милиони евра на руската компанија „Атомстројекспорт“ која го доби договорот и ја почна изградбата на нуклеарната централа.

Според новите планови на Владата во Софија, нуклеарката „Белене“ би требало да биде изградена во наредните 10 години, а би чинела околу 10 милијарди евра.