Лидерот на опозицијата во Венецуела и самопрогласен венецуелски претседател, Хуан Гваидо, се врати во земјата без проблем, од ризичната меѓународна турнеја, во рамки на којашто го посети и американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа.

Гваидо помина брзо низ безбедносниот пункт на аеродромот во Каракас, на враќање од турнејата, чијашто цел беше да добие поширока поддршка за соборување на венецуелскиот претседател Николас Мадуро.

Тој ја напушти Венецуела кон средината на јануари, пркосејќи на забраната за патување наметната од Врховниот суд, соопшти „АП“ синоќа.

Гваидо се состана со лидерите во Европа за време на турнејата, барајќи од нив да продолжат да ја поддржуваат неговата кампања за соборување на Мадуро, што тој го гледа како начин да ја извлечат земјата од кризата.

Тој, исто така, ги повикува граѓаните на Венецуела повторно да излезат на улиците за да ја искажат својата волја со разрешување на социјалистичката влада, која опозицијата ја нарекува „диктаторска“.