Илустрација / Фото: Нова Македонија

Трошоците на живот лани во однос на 2022 година биле зголемени за 9,4 отсто, а цените на мало за 7 отсто, објави денеска Државниот завод за статистика.

Во декември, трошоците на живот се зголемени за 0,2 отсто во споредба со ноември, а цените на мало за еден процент.

Пораст на индексите е забележан во групите мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата за 13,6 отсто, ресторани и хотели за 12,7 отсто, храна и безалкохолни пијалаци за 11,7 отсто, разновидни стоки и услуги за 11,6 отсто, домување, вода, електрика, гас и други горива за 10,4 отсто, алкохолни пијалаци, тутун и наркотици за 8 отсто…

Намалувањето има кај свежото и разладеното овошје, рибата и морските плодови, течните горива за домаќинствата, услугите за сместување, парамедицинските услуги, растенијата и цвеќињата, малите електрични апарати за домаќинствата, големите електрични апарати за домаќинствата, резервните делови и приборот за сопствените превозни средства,….

Кај цените на мало, пораст на индексите е забележан во сите групи: Индустриско-прехранбени производи за 12,5 отсто, Пијалаци за 9,7 отсто, Земјоделски производи за 8,5 отсто, Услуги за 6 отсто и Индустриско-непрехранбени производи и тутун за 5,3 отсто.

Во споредба со декември 2022 година, трошоците на живот се зголемени за 3,6 отсто, а цените на мало за 3,7 отсто.