Фото: Влада / Архива

Министерот за економија Крешник Бектеши информира дека причината за празнењето на некои маркети викендов, било повлекувањето на производите од страна на самите трговци.

-Немало паника од страна на граѓаните. Утврдено е дека некои од трговците сами ги повлекле залихите за денеска повторно да ги вратат назад со нови цени. Тоа е целосно утврдено од надлежните институции и нема да дозволиме да се случи. Не е време за манипулации и шпекулации – рече Бектеши и нагласи дека тие трговци што мислат дека на таков начин можат да манипулираат со институциите и потрошувачите ќе бидат санкционирани и дополнително контролирани.

Според него, Државниот инспекторат е на терен и постојано врши контроли, посебно во трговијата на мало каде е утврдено дека претходно имало големи маржи, што било причина за поскапувања.

Во делот на месото, укажа министерот, забележано е дека има мало поскапување зашто се прикажува дека е преработено дома, а не како свежо месо од увоз, пренесува МИА.

-И тие ќе бидат контролирани, како е увезено месото и ќе се вратат во рамки на Одлуката. Сакаат манипулативно да прикажат дека е преработено тука, па се зголемени трошоците за преработка и производство за да утврдат друга цена. Тоа веќе е направено како контрола и е утврдено вчера и завчера. Дадена е насока да се вратат цените во рамки на Одлуката – подвлече Бектеши.