ТЕЦ Осломеј е вклучен на мрежа вчера во 17:52 часот и произведува електрична енергија во електро-енергетскиот систем. Термоелектраната ќе работи според планот за производство и потребите на конзумот, соопштија денеска од АД Електрани на Македонија.
Во ТЕЦ Осломеј, се појаснува во соопштението, во претходниот период се вршеле неопходни дополнителни ремонтни активности, особено на млиновите и каналите за јагленова прашина кои се најизложени на влијанието на користењето јаглен од различни наоѓалишта, (делумно од сопствен ископ, делумно набавен јаглен).
Застојот се искористил за санирање и на други помали дефекти воочени на останатите уреди и постројки во претходниот период кога термоелектраната работеше.
– Целта на зафатите беше да имаме сигурна работа на капацитетот во грејната сезона, бидејки станува збор за термоелектрана изградена пред 42 години – соопштија од АД Електрани на Северна Македонија.