Македонија во моментов нема речиси никаква друга алтернатива за снабдувањето со гас, освен од Русија, но што треба да се преземе на долг рок за да се заштитиме од какви било зависности и можни удари врз стопанството. Од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) велат дека во изминатиот период се работело на диверзификација токму на снабдувањето со природен гас од различни извори

Кои се алтернативите за намалување на енергетската зависност на државата

Енергетската криза, која дополнително се продлабочи и со војната во Украина, ја прави ургентна потребата од алтернативи за испорака на гас, со што се зголемија стравувањата околу стабилноста со снабдување и во нашата земја, бидејќи Македонија е 100 отсто зависна од рускиот гас. Македонската влада крои мерки за ублажување на енергетскиот удар, но дали ќе ја забрза и реализацијата на двата клучни енергетски проекта што треба да бидат алтернатива за снабдување со гас на државата? Сепак, она што загрижува е што Македонија нема речиси никаква алтернатива за снабдувањето со гас, но што треба да се преземе на долг рок за да се заштитиме од удари поради ембарга или барања како плаќањето во рубли за снабдување со гас?
Македонија е 100 отсто зависна од набавка на природен гас од Русија, но меѓу европските земји такви се и Финска, Естонија, Бугарија, Молдавија, а и Латвија, на ниво од над 95 отсто зависност.
Професорот на Институтот за термичко и енергетско инженерство при Машинскиот факултет, Ристо Филкоски, вели дека и редица други земји се со нешто помала, но сѐ уште многу голема застапеност на рускиот гас во енергетскиот сектор, како Србија, Словачка, Австрија, Полска, Унгарија, Словенија, Литванија, додека Германија, Чешка и Луксембург се на околу 40-50 отсто учество на руски гас во покривањето на потребите. Сите други, освен Шпанија, Британија, Ирска и Португалија, користат руски гас во значајни количества.
– Што се однесува до снабдување со природен гас во Македонија, ситуацијата кај нас е таква што практично немаме други алтернативи. Меѓутоа, барањето од руска страна гасот да се плаќа во рубли не е нешто страшно. До пред триесетина години постоеше и т.н. клириншки начин на плаќање, па и тоа некако функционираше. Секако, сигурно е дека цената за гасот ќе биде повисока, но тоа е нешто на што постепено треба да се навикнуваме – тешко е да се поверува дека ќе има евтина енергија како досега, барем во скора иднина – истакнува Филкоски.
Тој вели дека во актуелнава ситуација има земји што по проучувањето на барањето за плаќање во рубли во принцип се согласија со истото тоа, како Словачка и Унгарија.

– Поблиску до нас, Бугарската асоцијација за гас ја повика Владата на Бугарија да заземе национално одговорна позиција со обезбедување на земјата, економијата и граѓаните со потребната енергија, прифаќајќи го условот на Руската Федерација за плаќање на испораките на природен гас од „Гаспром експорт“ во рубли. Според достапните информации, бугарскиот бизнис во секторот за природен гас е длабоко загрижен поради можноста да одбие да плати во рубли за испораките на природен гас според долгорочниот договор на „Булгаргаз“ со „Гаспром експорт“. Бугарија не е поврзана со европскиот гасовод, а како и Македонија, не ја има завршено диверзификацијата на дојдовните текови на гас. Освен тоа, нема приемни терминали за компримиран и втечнет природен гас – посочува Филкоски.
Според професорот, Македонија ќе добие одредена можност за диверзификација на снабдувањето дури по изградбата на терминалот за втечнет гас во Александруполис (Р Грција) и изградбата на гасоводна линија до нашата граница.
– Секако, цената на таквиот гас ќе биде повисока од онаа на која сме се навикнале досега. Просто е неможно да се произведе гасно гориво (кое тешко може да се нарече природен гас) со одредени специфични постапки (кои имаат силно влијание врз околината), да се доведе во течна состојба со ладење, па втечнето да се превезе со специјални танкери до терминал каде што ќе се извршат складирање, доведување во гасна состојба итн., а тоа да биде конкурентно според цената со природниот гас од гасовод – укажува Филкоски.
Краткорочно гледано, споменува тој, проблеми поради прекини во снабдување со природен гас кај нас може да имаат компаниите што во изминатиот период од дваесетина години извршија премин од течни и други горива кон природен гас.

– Некои од нив сѐ уште ги имаат задржано и инсталациите за мазут, но прашање е во каква состојба се наоѓаат. На пример, топланите во Скопје имаат паралелни инсталации за работа на течно гориво, па дури и законска обврска за складирање течно гориво за одреден период на работа. Мазутот, се разбира, е далеку понеприфатливо гориво од аспект на влијание врз животната средина, но можеби одреден период ќе мора да се преживее и со тоа – смета Филкоски.
Од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) велат дека во изминатиот период се работело на диверзификација токму на снабдувањето со природен гас од различни извори. Во таа насока се и активностите што се спроведуваат со цел да се обезбеди пристап од алтернативни извори: снабдување со природен гас од ТАП (азербејџански гас), но и поврзување со ЛНГ-терминалите.
– Факт е дека доколку настанат какви било несакани активности во однос на снабдувањето со природен гас од Русија, независно дали тоа ќе бидат санкции од Европската Унија во однос на Русија или, пак, Русија ќе ја прекине испораката на природен гас, Северна Македонија ќе биде соочена со сериозни проблеми бидејќи дел од компаниите што го користат природниот гас нема да можат да употребат друго алтернативно гориво, иако има и компании што природниот гас можат да го заменат со мазут. Се надеваме дека нема да се случат вакви негативни сценарија на прекин на испораката на природниот гас од Русија – истакнуваат од РКЕ.