Фото: Маја Јаневска-Илиева

Од Регулаторната комисија за енергетика посочуваат дека Македонија не зависи од руската нафта и појаснуваат дека не се очекува недостиг. Претставниците на бизнис-заедницата, пак, укажуваат дека поскапувањето на нафтените деривати има влијание врз рентабилноста на компаниите, особено на транспортните компании, во чија услуга цената на нафтата има најголем удел

Со нафтата на штрек и под стрес

По предлогот на Европската Унија, Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) да го зголеми производството на сурова нафта, со цел замена на руската нафта и намалување на приходите на Русија од овој енергент, со цел таа да се откаже од воената агресија врз Украина, од организацијата потенцираа дека таков потег би бил невозможен. Генералниот секретар на ОПЕК, Мохамед Баркиндо, истакнал дека би било речиси невозможно да се замени руската сурова нафта доколку ЕУ ја забрани.
– Можеме потенцијално да предвидиме загуба од над седум милиони барели дневно од извозот на руска нафта поради сегашните и идните санкции. Со оглед на сегашните изгледи за побарувачка, би било речиси невозможно да се надомести оваа загуба на волумен во таков обем – посочил генералниот секретар.
ЕУ го повика ОПЕК да го зголеми производството на сурова нафта, сепак, забрана за увозот на руска нафта и гас сѐ уште не е воведена, но се размислува за потенцијална забрана, во обид да се запре протокот на приходи во Русија.
Колку и како ваква одлука за блокада на руската нафта би влијаела врз македoнската економија, но и дали може да се очекуваат прекини во снабдувањето ги прашуваме надлежните институции, но и компаниите, кои најмногу зависат од користењето нафтени деривати.
Од Регулаторната комисија за енергетика посочуваат дека Македонија не зависи од руската нафта и појаснуваат дека не се очекува недостиг.
– Во текот на 2021 година, трговците на големо со сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт, увозот на нафтените деривати во Република Северна Македонија го вршеле од 17 држави, при што најмногу нафтени деривати биле увезени од соседните држави, и тоа од Грција со 83,19 отсто, потоа од Бугарија со 10,89 проценти, Албанија со 3,36 отсто, Србија со 1,49 проценти, Романија со 0,72 отсто и мал процент на увоз од други земји.
Податоците покажуваат дека најголем дел од нафтата во земјава е обезбеден од Грција, која само 5 отсто од суровата нафта ја обезбедува од Русија. Ова значи дека многу мало е влијанието на забраната на извозот на руската нафта на пазарот на нафтени деривати во Северна Македонија, па поради тоа не може да се јави недостиг од нафтени деривати на нашиот пазар – укажуваат од РКЕ.
Претставниците на бизнис-заедницата укажуваат дека поскапувањето на нафтените деривати има влијание врз рентабилноста на компаниите, особено на транспортните компании, во чија услуга цената на нафтата има најголем удел.

– Во нашата држава има, пред сѐ, микро и мали превозни трговски друштва и неколку средни, што значи дека секое решение што ЕУ ќе го донесе во однос на увоз на рускиот гас и нафтата како погонско гориво директно ќе влијае на севкупното работење на нас превозниците, но индиректно истото тоа ќе се одрази на секој дел од нашата економија, која е во директна зависност од превозот на стоката, која ја извршуваме во увозна или извозна постапка. Порастот на цените на погонското гориво во државата, но и во другите држави низ кои, од кои и за кои вршиме превоз на стока е сериозен проблем што предизвикува несигурност во работењето и реално одредување на цените за превоз, но посериозен проблем би биле недостигот од гориво и неможноста непречено да се полни гориво во количества од 600 до 1.200 литри по возило, неопходно за континуирано и непречено вршење на преземениот превоз на стока – велат претставниците на асоцијацијата на здруженија на работодавачите на превозните трговски друштва „Макам-транс“.
Од асоцијацијата посочуваат дека превозниците се во постојан стрес и се принудени да преземат сериозни преструктурирања во однос на работните активности, со цел најекономично да ги извршуваат преземените превози.

– Превозниците секојдневно калкулираат, даваат цени што важат еден ден, се обидуваат да наплатуваат аванс за да можат да го вршат превозот и да го одржуваат балансот во однос на тековната ликвидност, спроведуваат редуцирано користење на капацитетите на возниот парк со кој располагаат, сѐ со цел да продолжат со вршење на дејноста. Последиците од спроведените економски санкции кон Руската Федерација сѐ повеќе почнуваат да се чувствуваат затоа што предизвикуваат намалено производство на стоки во рамките на сите држави од ЕУ и другите, а тоа значи намалена понуда на превоз на стока во патниот сообраќај на целата територија на Европа – потенцираат од „Макам-транс“.
Професорот на Институтот за термичко и енергетско инженерство при Машинскиот факултет, Ристо Филкоски, смета дека е можно ЕУ да донесе одлука да не се увезува нафта од Русија, иако меѓу земјите-членки има одредени спротивставени ставови.

– Тоа, секако, ќе доведе до одредени дополнителни турбуленции на светскиот пазар на енергенти. Меѓутоа, целокупната методологија и патиштата на снабдување со нафта се разликуваат од начинот на снабдување со природен гас. Тоа би значело дека во дадени моменти, секако, може да се очекува одредено покачување на цената на нафтата, а со тоа и на дериватите, но по одредено време би дошло до стабилизирање на состојбата – посочува Филкоски.
Според него, времето на евтина нафта е минато, дури и утре да дојде до завршување на воените дејства во Украина, па и да започне обновување на нарушените релации во односите помеѓу западните земји и Русија, цените на енергентите нема значително да се намалат.
– Сигурно би дошло до стабилизација, но на ниво повисоко од тоа пред последните тектонски нарушувања. Притоа, да не испуштиме од вид дека очигледно една од поентите и причините за актуелната криза и сѐ што се случува во Украина има многу сериозна економска димензија – истиснување на едни играчи од пазарот на природен гас и други енергенти и зафаќање на просторот од страна на други – заклучува професорот.