Македонските вина се со врвен квалитет потврден од светски признати енолози и меѓународни институции кои го проверуваат квалитетот на виното

По трагата на веста за фалсификувани македонски вина во Хрватска

Хрватските инспектори објаснуваат дека во рамките на целокупната акција одбрале 14 вина што биле подложени на стабилни изотопски анализи, а меѓу нив се наоѓале и три македонски вина, но проверката не утврдила никакви неправилности, туку само го потврдила квалитетот на нашите вина. Токму овој дел од информацијата беше погрешно протолкуван од некои македонски медиуми, кои ја дезинформираа јавноста дека три наши вина биле фалсификувани, поточно не соодветствувале на пропишаните стандарди

Изминативе денови нашиот редовен соработник од Хрватска, Ангел Митревски, во повеќе наврати ни сигнализира дека во тамошните медиуми се појавиле серија шпекулативни написи за наводно присуство на вина од Македонија со сомнителен квалитет на тамошниот пазар. Според она што било доминантно во тие написи, официјалните хрватски органи задолжени за квалитетот на храната утврдиле дека станува збор за присуство на фалсификувани производи присутни на тамошниот пазар.

Проверката на инспекциите го потврдила квалитетот на македонските вина

Како што нѐ информира нашиот редовен соработник од Хрватска, Ангел Митревски, според анализата на Земјоделската инспекција на Државниот инспекторат на Хрватска, на хрватскиот пазар е утврдено присуство на седум фалсификувани вина разводнети со шеќер и со вода. Четири од вината се од Косово, две се од Хрватска, а едно од Босна и Херцеговина, според соопштението лиферувано за јавноста од страна на надлежните инспекции.

Хрватските инспектори објасниле дека во рамките на целокупната акција одбрале 14 вина што биле подложени на стабилни изотопски анализи, а меѓу нив се наоѓале и три македонски вина, но проверката не утврдила никакви неправилности, туку само го потврдила квалитетот на нашите вина. Токму овој дел од информацијата беше погрешно протолкуван и од некои македонски медиуми, кои ја дезинформираа јавноста дека три наши вина биле фалсификувани, поточно не соодветствувале на пропишаните стандарди.

Македонските вина се квалитетни и редовно се контролираат

По добивањето на првичната информација од нашиот дописник од Хрватска, контактиравме со некои од познавачите на состојбите, но и со некои од сопствениците на македонските винарници. Сите беа непријатно изненадени од веста дека наводно има и македонски вина меѓу фалсификуваните на хрватскиот пазар, но и силно убедени дека веста не е точна, затоа што Македонија произведува квалитетни вина, високооценети и наградени на релевантни светски манифестации.

Потврда за ваквото тврдење набргу пристигна уште од еден релевантен извор, од асоцијацијата „Вина од Македонија“, во чие име извршната директорка Елена Младеновска-Јеленковиќ изјави дека земјава може да се пофали со висококвалитетни вина, кои редовно се анализираат во акредитирани лаборатории.
– Хрватска, на пример, редовно прави контроли за да си ги заштити и виното и пазарот и секогаш се покажува дека нашите вина се на високо ниво. Жално е што некои македонски медиуми објавија лажна информација дека имало лажни македонски вина.

Тоа ѝ штети на македонската винска индустрија и апелираме до медиумите да не шират лажни информации, кои може да наштетат на нашиот углед. Кај нас лабораториски се проверува секоја транша, секое вино што се полни, во акредитирана лабораторија. Се разбира дека доколку се случи пропуст, ќе треба да се преземат поригорозни мерки, но тоа досега не се случило, се покажува дека системот функционира – вели Младеновска-Јеленковиќ.

Таа објасни дел од процесот на проверка на безбедноста и на квалитетот на виното. Така, винарниците мора да пратат мостри во акредитирани лаборатории на испитување, кои се услов за да добијат решение со кое може да пуштат во промет одредено вино. Дополнително, анализи прават и инспекциските тела на Агенцијата за храна и ветеринарство и Државниот инспекторат за земјоделство.
– Ова се однесува на сите регистрирани винарници. За жал, има и нерегистрирани производители, тоа е проблем, но тие секако не извезуваат – објаснува Младеновска-Јеленковиќ.

При извоз на вино се прават лабораториски анализи за сите видови вина од секој камион што ги пренесува договорените количества.
– Мострите се чуваат во лабораториите за евентуални дополнителни контроли, за да не се случи нарушување на угледот на македонското вино во странство. Среќни сме и горди што се покажа дека македонските вина имаат квалитет и го развиваат имиџот во светот – додава Младеновска-Јеленковиќ.

Во Хрватска првпат откриени „фалсификати“ меѓу вината

Инаку, нашиот соработник од Хрватска, Митревски, направи своевидно истражување по пишувањето на хрватските медиуми. Како што може да се дознае оттаму, според анализите од хрватската лабораторија што биле објавени минатата недела, вината што биле фалсификувани имале додадено вода и шеќер.
– Има четири вина од Косово, едно вино од Босна и Херцеговина и две вина од Хрватска. Од пет вина од трети земји, каде што анализата на официјалниот примерок покажа дека станува збор за фалсификувани вина, четири беа означени со името на сортата грозје, а две од нив беа означени како „рајнски ризлинг“, едно како „грашевина“ и едно како „вранец“ – се вели во дополнителната информација од Земјоделската инспекција на Државниот инспекторат на Хрватска.

Притоа се додава дека станува збор за поширока акција, при што во рамките на инспекцијата биле земени мостри од вкупно 84 вина.
– Досега се извршени 84 инспекции, при кои се земени мостри на 84 вина со потекло од Хрватска, други земји-членки на ЕУ и трети земји, од кои 14 официјални примероци на вино се подложени на стабилни изотопски анализи. Станува збор за четири вина со потекло од Хрватска, едно со потекло од ЕУ (Италија) и девет со потекло од трети земји, поточно пет од Косово, три од Македонија и едно од Босна и Херцеговина – велат од Државниот инспекторат на Хрватска за контролата спроведена годинава.
Оттаму додаваат дека во претходните контроли не констатирале фалсификување на вино, што значи дека првпат се наоѓаат „фалсификати“ меѓу вината.