Германија најавува послободен престој и вработување
Одливот на работна сила од Македонија кон европските земји продолжува со несмалено темпо, а македонските работници од 1 септември својата среќа ќе може да ја побараат и на пазарот на трудот во соседна Србија, бидејќи земјите од иницијативата Отворен Балкан договорија слободен пристап на работници. Но она што може да направи вистински егзодус на работници од земјава е ако се оствари најавата за можни промени во германскиот закон за доселување, со кој би им се овозможило на работниците што ќе одат да работат во Германија да им се обезбеди долгорочен престој.
Претседателот на здружението на работодавци на германската металопреработувачка индустрија Штефан Волф, поради хроничниот недостиг од работна сила во Германија, се залага за усвојување нов закон за доселување.
– Потребен ни е закон за доселување каков што има Канада. На доселениците мора да им се обезбеди долгорочно право за останување во Германија – смета Волф.
Ако поминат ваквите најави, тогаш Македонија ќе се соочи со целосно празнење на државата, бидејќи дури и кај оние средовечни луѓе за кои колку-толку беа прифатливи овдешните услови за работа и во најголем дел се семејни луѓе, може повторно да се врати желбата да ја напуштат земјава заедно со нивните семејства. Тоа не само што ќе ја остави државата без млада работна сила туку од неа ќе си заминат и оние работници што традиционално се онаа стабилна маса што го одржува работниот процес. А ваквите сценарија може лесно да се реализираат, бидејќи на германскиот пазар на трудот, кој се соочува со голем недостиг од квалификувана работна сила во сите стопански гранки, му недостигаат половина милион работници, а тамошното здружение на работодавци бара засилено доселување на работници.
Како што покажа студијата на Институтот на германското стопанство (ИВ) од Келн, во Германија од јули минатата до јули оваа година недостигале повеќе од половина милион квалификувани работници. Регистрирани се вкупно 539.923 непополнети работни места, а најмногу проблеми со вработување стручна работна сила во изминатите 12 месеци имало во секторот социјална работа. Таму не се пополнети 20.578 работни места, што е нов рекорд, како што тврдат во ИВ.
– Станува збор за стручна работна сила што недостига во социјалната работа во училиштата, работата со младите, децата и во старските домови или кај советувањето зависници, односно на сите оние подрачја каде што за решавање на социјалните проблеми е потребна човечка поддршка – наведуваат авторите на студијата Хелен Хикман и Филиц Конеберг.
Приближен недостиг од стручни работници има и во секторот во кој работат воспитувачки и воспитувачи, каде што се непополнети 20.500 работни места.
– Во старските домови недостигаат 8.279 негуватели, се бараат и 16.974 електротехничари, а во секторот здравство, односно нега на болни, потребни се уште 16.839 работници – се наведува во студијата.
Сè покомплицирано станува обезбедувањето работна сила во санитарните фирми, односно компаниите што се занимаваат со системите за греење или одржување клима-уреди, каде што недостигаат 14.013 работници. Германските компании бараат и 13.638 информатичари, 12.060 физиотерапевти, недостигаат уште 11.771 техничар за одржување моторни возила, како и 10.562 професионални возачи.
Институтот од Келн предвидува дополнително заострување на ситуацијата со кусокот од возачи на пазарот на трудот, земајќи предвид дека „возачите се натпросечно стари и дека недостига подмладок“. Е.Р.