Фото: МИА

Генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски информира дека земјава со Грција денеска договарала испорака на еден милион тони јаглен и 250 000 тони мазут.

Како што рече Ковачевски во Топ Тема интервју на телевизија Телма, јагленот ќе биде примарно за потребите на РЕК Битола, но дел од количините ќе може да бидат користени и за РЕК Осломеј, додека мазутот е за термоелектраната во Неготино, а дел од количините се и за Битола и Осломеј.

-Денеска договаравме за наредните 12 месеци да имаме испорака на околу 80 000 тони јаглен месечно, примарно за потребите на РЕК Битола, но дел од количините може да бидат користени и за РЕК Осломеј. За 12 месеци треба да обезбедиме еден милион тони јаглен по конкурентна цена. Сметаме дека со овие количини ќе ги задоволиме потребните дополнителни количини јаглен за производство на дополнителната електрична енергија. Во однос на мазутот, цената е регулирана. РКЕ ја одредува цената и по таа цена го купуваме. Денеска разговаравме за количини кои ќе бидат потребни од ноември до крајот на април, за седум месеци. Месечно ќе ни требаат 30 000 – 35 000 тони или вкупно 250 000 тони додека трае грејната сезона. Од нив 80 – 90 отсто ќе бидат за термоелектраната во Неготино, но дел од количините се и за во Битола и Осломеј – рече директорот.

Тој потсети дека кон крајот на февруари и почетокот на март годинава беше склучен договор за набавка на 144 000 тони мазут и таа набавка трае заклучно со октомври.

Не е точно дека ако склучиме договор за испорака на електрична енергија со Бугарија, трансферот ќе оди преку Грција, вели Ковачевски и информира дека заклучно со наредната недела треба да завршат работните групи на Македонија и Бугарија кои треба да ги дадат предлог договорите за испорака на електрична енергија.

Бугарија има вишоци кои ги продава на берзите, а земјава, како што рече Ковачевски, побарала испорака на 200 мегавати базна енертија, контиунирано, 24 часа, од 1 октомври до 30 април.

Во делот на билатералниот договор, Македонија ќе предложи трансферот на струја да оди без надомест.

-Побаравме од Бугарија да ни испорача електрична енергија по прифатлива цена. Таа електрична енергија треба да биде испорачана кон стопанството и ќе биде вид помош од Владата и ЕСМ за да може да го стабилизираме отворениот пазар. Во овој период бизнис секторот трпи голем удар кој тешко може да се издржи. За количините и испораката треба да се разговара дополнително во петок и понеделник на ниво на работни групи, а наредната недела очекуваме поконкретно колку ќе биде цената за набавка на таа енергија. Испораката ќе оди директно од Бугарија кон Северна Македонија – нагласи директорот.

Во однос на прекуграничните капацитети, Ковачевски истакна дека има едногодишни кои се зафатени, но има и слободни.

-Утврдивме дека енергијата може да се испорача без проблем. Ќе има доволно време и место за испорака на таа енергија, само останува да се дефинира договорот за да може од 1 октомври или во почетокот на октомври да ја добиеме и бизнис секторот да има пониски цени – напомена Ковачевски.

Според него, производството на струја годинава е зголемено за 40 отсто само во делот на термоелектраните или вкупно 15 проценти во однос на првите седум месеци лани.