Најголемите работодавци во Македонија се дел од странски корпорации што работат за светската автомобилска индустрија. Интересно е тоа што најголемите работодавци не се лоцирани во главниот град Скопје, туку се во Кавадарци, Битола и во Кочани.
Порталот „Пари“ ги анализира 100-те најголеми работодавци во Македонија, а посебен осврт направи на 10-те најголеми. Така, на пример, 100-те најголеми работодавци во Македонија лани вработиле 78.329 работници. Благодарение на нив, компаниите од различни дејности направиле промет од 7,3 милијарди евра, а вкупната добивка им била 456 милиони евра, покажуваат податоците на платформата „Бизнис мрежа.мк“.
Кај истите овие работодавци, минатата година биле вработени 76.598 работници, односно 1.731 помалку. Во 2020 година, тие направиле вкупен приход од 6,2 милијарди евра, но притоа треба да се земе предвид дека во 2021 година веќе почна инфлацискиот тренд, а повисоките цени, секако дека имаа влијание на зголемувањето на износот за направениот промет. Во 2020 година, овие компании направиле добивка од 350 милиони евра, што значи дека лани компаниите биле попрофитабилни за дури 156 милиони евра.
Кај првите 10 најголеми работодавци во 2021 година работеле 25.647 работници. Во 2020 година, пак, во истите овие компании работеле 25.443 работници, или 204 работници помалку.
Она што може да се забележи е дека од топ 10 работодавци, само четири се во Скопје, додека другите се во другите градови.
Најголемиот работодавец е во Кавадарци, а тоа е компанијата „Дрекслмајер мануфактуринг Македонија“. Во 2020 година, оваа компанија беше втор најголем работодавец. Да потсетиме, станува збор за компанија за производство на електрична и електронска опрема за моторни возила. Компанијата минатата година направила приход од 60,7 милиони евра, а добивката ѝ била 2,7 милиони евра.
Вториот најголем работодавец бил „Кромберг и Шуберт Македонија БТ“ од Битола, поточно од индустриската зона Жабени, со 5.368 вработени. Оваа компанија има мало намалување на бројот на вработени во однос на 2020 година. Тоа, како и растот на вработените во „Дрекслмајер“ ја турнаа компанијата на второ место по бројот на вработени, иако во претходните години беше најголем работодавец. И оваа компанија е од дејноста производство на електрична и електронска опрема за моторни возила. Компанијата лани направила приход од 211 милиони евра, а добивка од 2,5 милиони евра.
Третиот најголем работодавец е „Амфенол технолоџи Македонија ДООЕЛ“ од Кочани. Во оваа компанија лани работеле 2.185 работници, дури 357 повеќе отколку во 2020 година. Тоа ја довело компанијата лани на третото место по бројот на вработени, додека во 2020 година била на 7-то место. Оваа компанија е дел од американска корпорација, во Кочани има повеќе погони, а тие произведуваат кабли за автомобилската индустрија.


Десет најголеми работодавци во 2021 година

Податоците од платформата „Бизнис мрежа.мк“ покажуваат дека од овие 10 најголеми работодавци, само два се во друштвото на топ 10 компании по добивка, а тоа се „Макпетрол“, каде што со 1.870 вработени е направена добивка од 22,3 милиони евра, и „Алкалоид“, каде што со 1.860 вработени е направена добивка од 20,8 милиони евра.
Ако, пак, се споредат топ 10 компании со најголем приход во однос на топ 10 работодавци, може да се види дека и во едната и во другата група се само „Макпетрол“ со приход од 365,5 милиони евра и „Кромберг и Шуберт“ со приход од 211 милиони евра.


Приход и добивка во евра