Архива / Фото: Нова Македонија

Министерот за економија Крешник Бектеши апелира сите трговци да ја почитуваат владината одлука за ограничување на трговските маржи на основните прехранбени производи зашто од неа, како што истакна, нема никој да загуби и највеќе ќе добијат потрошувачите, односно граѓаните на државата. Доколку трговците не се придржуваат до оваа одлука согласно Законот за трговија ќе следуваат глоби во износ од 800 до 1.000 евра во денарска противвредност за микро трговец, од 1.600 до 2.000 евра за мал трговец, од 3.000 до 6.000 евра за среден трговец и од 7.000 до 10.000 евра во денарска противвредност за голем трговец.

Бектеши: Нема место за паника, нема да има ценовни шокови, имаме и стоковни резерви

Одлуката за одредување највисоки трговски маржи на продажните цени на основните прехранбени производи во трговијата на големо и мало стапи во сила денеска, а минатиот вторник ја донесе Владата по предлог на Министерството за економија. Со тоа, престанува да важи претходната одлука за замрзнување на цените на основните прехранбени производи. Новата одлука, во која на листата на основни прехранбени производи се додадени и овошјето и зеленчукот, пченицата, суровото сончогледово масло и солта, ќе важи до 31 мај годинава.

„Складирачи“ празнат рафтови: Нема драстични поскапувања, но има страв

Со одлуката се определува највисоката трговска маржа да изнесува до 5 отсто на продажната цена пресметана во трговијата на големо, односно до 10 отсто на продажната цена во трговија на мало кај лебот, шеќерот, солта, брашното – тип 400, суровото сончогледово масло и сончогледово масло за јадење, трајното млеко со масленост од 2,8; 3,2 и 3,5 отсто, свежото месо и сувомеснати производи, сирењето и урдата, оризот, јајцата, тестенините, пченицата и овошјето и зеленчукот. Кај трговците на мало во вкупниот износ на трговската маржа до 10 отсто се вклучени рабатот и надоместоците кои трговецот на мало ги наплаќа од трговецот на големо за рекламирање и за примарни и секундарни позиции за изложување на стоките на рафтови, односно полици.