Фото: Игор Бансколиев / Илустрација

Се ограничува извозот на пченица и наполица, јачмен, пченка, брашно од пченица и наполица, семе на сончоглед, како и масла од семе од сончоглед, одлучи Владата на 26-тата седница.

– Одлуката за ограничување на извозот на овие стоки Владата на Северна Македонија ја донесе како превентива за да се избегнат шпекулативни дејствија на трговците и производителите и за заштита на домашното производство, домашниот пазар и граѓаните. Оваа одлука е донесена како реципрочен одговор на сличните мерки што ги донесоа земјите во регионот – информира владината прес-служба.

Во образложението за оваа одлука, Владата напоменува дека во земјава има доволно количини на пченица и пченка во приватните млинови, кои се различни од стоковните резерви.

– Тука станува збор за количини за покривање на домашните потреби, односно во млиновите во земјата има преку 50.000 тони залихи од пченица, преку 10.000 тони пченка и над 8.000 тони јачмен, што се должи и на растот на домашното производство на пченица од 195 илјади тони во 2017 година, на 253 илјади тони во 2021 година, се наведува во соопштението.

Владата посочува и дека стоковните резерви на основните производи, како што се пченица, пченка, јачмен, сончогледово масло, нафтени деривати и другите производи, ги има во доволни количини и нема потреба од дополнителна интервенција.