Европска енергетска криза би довела не само до спирала на економски превирања и социјални тензии туку и до повторени повици за протекционизам. Земјите би
можеле да престанат да ги споделуваат своите оскудни енергетски резерви, загрозувајќи го на тој начин функционирањето на европскиот енергетски пазар
и креирајќи вонредна состојба за оние земји што имаат помалку можности да изнајдат нови извори на енергија

Енергетската криза е најголемиот системски ризик за Европа што ќе предизвика социјална, економска, политичка, па и безбедносна криза

Европа се наоѓа среде „совршена енергетска бура“. Во текот на изминативе неколку месеци последователно се акумулираа многу повеќекратни удари, туркајќи ја Европа во нешто што сè повеќе личи на најтешката енергетска криза што некогаш ја доживеала. Последиците од ковид-19, понатаму, војната во Украина, како и неочекуваните проблеми со домашното производство на електрична енергија на државите во Европа, го свртеа наопаку европскиот енергетски пазар. Како резултат на ова, може да се случи Европа да нема доволно енергија за предвидената побарувачка во оваа зима, и за стопанството и за граѓаните.

„Форин аферс“: Мора бргу да се подготви контраофанзива

Токму во врска со оваа тема, сериозен осврт деновиве имаше реномираниот „Форин аферс“, кој тврди дека во овој момент, енергетската криза е најголемиот системски ризик за Европа, економски и политички – поголем дури и од потенцијална рецесија. Европска енергетска криза би довела не само до спирала на економски превирања и социјални тензии туку и до повторени повици за протекционизам. Земјите би можеле да престанат да ги споделуваат своите оскудни енергетски резерви, загрозувајќи го на тој начин функционирањето на европскиот енергетски пазар и креирајќи вонредна состојба за оние земји што имаат помалку можности да изнајдат нови извори на енергија. Така, предизвиканиот недостиг од доверба меѓу европските држави, според „Форин аферс“, на крајот би го ослабнал нивното единство, вклучувајќи го и нивниот став во однос на Украина. Во освртот се вели дека „доколку сакаат да се спротивстават на рускиот притисок, европските лидери мора бргу да подготват контраофанзива за една тешка зима. Изборите што ќе ги направат сега во однос на справувањето со ограничено снабдување со енергија ќе ја обликуваат иднината на Европа“! И дека „популистичките партии, најверојатно, ќе се залагаат за енергетски протекционизам, кој би можел да му наштети на европското политичко единство“. Во анализата се предупредува дека „доколку европските лидери се согласни во намерата подобро да ја координираат енергетската политика и повеќе да инвестираат во алтернативни извори на енергија, би можеле да го спречат Путин во неговата намера зимава да го остави континентот на студ“.

Настани што силно ја нарушија енергетската стабилност

Актуелните ефекти од пандемијата на ковид-19 продолжуваат да го нарушуваат европскиот енергетски пазар. Во 2020 и 2021 година, за време на врвот на пандемијата, инвестициите за нафта и гас се намалија, затоа што – заради карантинот – се намали и глобалната побарувачка за енергија. Намаленото производство на нафта и гас тогаш доведе до длабока нерамнотежа помеѓу понудата и побарувачката. Денешната голема побарувачка ги надминува тековните резерви, предизвикувајќи високи цени на пазарите на гориво низ светот. Недостигот од резервни производствени капацитети ги направи енергетските пазари многу чувствителни на промените во побарувачката. Во последниве неколку месеци, на пример, глобалните цени на нафтата фуриозно флуктуираа. Потоа дојде рускиот шок, кој започна многу пред почетокот на „специјалната февруарската операција на Украина“. Имено, според споредбените анализи на „Форин аферс“, Русија уште од летото 2021 година, значително го намали извозот на природен гас во Европа и одлучи да не ги полни веќе магацините во ЕУ. Во анализата се тврди дека „првично овие потези на Русија се сметаа за дел од нејзината стратегија да ја принуди Германија на отворање на новоизградениот гасовод „Северен тек 2“, кој требаше да носи гас директно од Русија до Германија, заобиколувајќи ја Украина. Сепак, откако започна војната, стана јасно дека празнењето на европските пазари било дел од една поширока руска стратегија за искористување на европската зависност од руски гас; во 2021 година, 40 отсто од увезениот гас на ЕУ доаѓаше од Русија. Со затворање на „славината“, Москва би можела да изврши огромен политички притисок на европските земји да се откажат од својата поддршка за Украина“.

Сплет на околности што води во насока на дефицит на енергенти

Прво, временските услови и други непредвидени проблеми (од т.н. виша сила), ја влошија и онака тешката енергетска ситуација во Европа. Ова се однесува за обновливите извори на енергија. Силните суши ги исушија европските реки и езера до екстремно ниски нивоа, загрозувајќи го не само производството на хидроенергија туку и ладењето што го бараат хидроцентралите, како и централите на јаглен, кои се потпираат на водниот транспорт за испорака на јаглен. Ситуацијата во јули дополнително се влоши, кога Европа доживеа огромен топлотен бран, кој ја засили сушата и ја зголеми побарувачката за енергија во јужна Европа. И ветриштата се непредвидливи, а и сончевите денови…
Второ, откако во април ги исклучи Бугарија и Полска, националниот руски гигант „Газпром“ во мај престана да снабдува уште десетина европски земји. Конечно, во јуни Русија го намали протокот и на нејзините главни пазари – Германија и Италија. До почетокот на јули, испораката е само една третина од досега испорачуваниот гас за европските земји. Според енергетските аналитичари, како резултат на гореспоменатото, цените на гасот во ЕУ десеткратно пораснаа, а владите нервозно се обидуваат да ги заштитат потрошувачите, давајќи милијарди евра во форма на субвенции. Европа се обиде да компензира за намалените руски испораки, со увоз на рекордни количества течен природен гас, главно од САД. Европските компании потпишаа многубројни договори за прием на гас со алтернативни снабдувачи. Во текот на наредниве неколку години се очекува појава и на нови дополнителни испорачувачи.
Трето, Франција во моментов може да смета само на половина од своите нуклеарни централи, откако инспекциите утврдија дека цевките во неколку нивни реактори кородирале, па објектите беа затворени поради поправка. Со мало нуклеарно производство, на Франција ѝ е потребен повеќе гас за производство на енергија.

Енергетскиот предизвик најдобро ќе се надмине заеднички: На Европа ѝ е
потребна голема енергетска спогодба

Со оглед на оваа совршена бура, Европа мора да реагира брзо доколку планира да ја обезбеди својата енергетска сигурност во наредниве месеци, особено затоа што зимава побарувачката за гас ќе се зголеми. Земјите од ЕУ можеби ќе бидат во искушение да се обидат да ги решаваат проблемите самостојно, но ова е сепак предизвик што најдобро ќе се надмине заеднички. На Европа ѝ е потребна голема енергетска спогодба, во која секоја од земјите ќе понуди нешто. На пример, една земја може да го зголеми своето домашно производство на гас, додека друга може да ја зголеми употребата на јаглен, со што би заштедила гас во производството на електрична енергија. Трета може да ја ограничи употребата на гас во одредени енергетски интензивни индустрии, кои произведуваат артикли што лесно би можеле да се увезат, како на пример стаклени шишиња или амонијак. Ваквата голема спогодба би можела да биде формализирана во вид на договор меѓу шефовите на државите на ЕУ на следниот состанок на Советот на Европа, закажан за октомври.
Здружувањето на ресурсите е вистинскиот потег, но тоа ќе бара болни политички компромиси. Одложеното затворање на германските нуклеарни централи ќе помогне да се намали зависноста на Европа од рускиот гас, но исто така ќе го уназади долгогодишниот план на Германија за прекин на користење на нуклеарната енергија. Зголеменото производство на холандските гасни полиња би ги зголемило резервите на гас, но истовремено би ја намалило посветеноста на холандската влада за намалена екстракција на гас во северниот регион Гронинген, кој претрпи стотици мали земјотреси како последица од дупчењето. Согласноста околу заедничка набавка на гас на меѓународните пазари исто така би можело да го намали ризикот од распад на единството на ЕУ, поради меѓусебниот натпревар на земјите-членки за ограничените испораки. Ваквиот предлог беше даден во 2014 година од тогашниот претседател на Европскиот совет, Доналд Туск, откако Русија изврши анексија на Крим, но остана нереализиран, бидејќи Германија и другите држави беа загрижени дека ќе останат без повластен пристап до руската енергија. Сега, среде разгорената енергетска криза, земјите-членки на ЕУ би можеле да имаат поголем апетит за оваа иницијатива. Дополнително, заедничките набавки ја подобруваат преговарачката моќ на Европа во однос на надворешните снабдувачи, па оттука, тие би можеле да ги намалат финансиските и политичките трошоци за гас. Заеднички набавените резерви на гас би можеле да се користат за опслужување на најранливите потрошувачи во Европа.
Големата спогодба за енергија треба да се однесува не само на понудата туку и на побарувачката. Сите земји-членки на ЕУ треба да вложат чесни и сеопфатни напори за намалување на побарувачката секогаш кога тоа е можно. Големата спогодба е неопходна, за сите европски земји да имаат корист од заемната поддршка во оваа криза. Европската Унија би требало да формира фонд што би помогнал во обесштетување на земјите што прават компромиси во однос на енергијата за да им помогнат на своите соседи.


Привремено снижување на стандардите за загадување низ Европа

Иако можеби е тешко да се признае, факт е дека Европа ќе мора да ги искористи сите можни опции за да си обезбеди снабдување со енергија во наредните неколку месеци, вклучувајќи и со јаглен. Привременото снижување на стандардите за загадување кај големите индустриски инсталации низ Европа ќе заштеди гас поради дозволената употреба на јаглен или нафта, но тоа ќе го земе својот данок во однос на животната средина и јавното здравје.
Понатаму, европските земји не смеат да дозволат совршенството да биде непријател на општото добро. Тие мора да ги применат сите можни решенија за зачувување на енергетската безбедност, дури и оние што загадуваат и придонесуваат за глобално затоплување, како што е зголемено производство во централите што работат на лигнит – запалив камен, познат и како „кафеав јаглен“.
Меѓутоа, овие помалку атрактивни опции ќе бидат потребни само кратко време, а би требало да бидат придружени со забрзан развој на чисти извори на енергија. Остварениот напредок на два паралелни фронта би ѝ овозможил на Европа да излезе „позелена“ и поотпорна од оваа енергетска криза.


Европските влади мора да им објаснат на своите граѓани дека се потребни сериозни „жртви“

На 26 јули, европските членки донесоа историска одлука за доброволна координација на намалената побарувачка за гас од 15 отсто, споредбено со нивната просечна потрошувачка на гас во последниве пет години. Доколку ја спроведат оваа иницијатива, во периодот 1 август 2022 – 31 март 2023, Европа би можела да заштеди 1,6 милијарда кубни стапки гас – што е еквивалент на една третина од добиениот руски гас во 2021 година.
За да ја постигнат оваа цел, европските влади ќе треба да спроведат добро осмислена и директна комуникациска кампања, објаснувајќи им на своите граѓани зошто се потребни овие жртви. Креаторите на политики мораат да го убедат населението да ја намали потрошувачката на енергија во домаќинствата, во замена за зачувани работни места и мир. Како дел од овие напори, владите ќе мора да ги поттикнат потрошувачите да ја намалат потрошувачката. На пример, домаќинствата може да добијат даночни олеснувања, базирани врз количеството заштедена енергија во споредба со минатата година. Новите прописи, како што е привремената дозвола за пониски температури во куќите за изнајмување, мораат да бидат воведени пред почетокот на зимата.