Фото: МИА

Ние сме мала земја аспирант за членство во ЕУ но можеме да бидеме чинител којшто во заедничкиот мозаик на ЕУ ќе биде дел којшто не треба да се заобиколи – порача денеска заменик премиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи од Венеција, Италија каде со министерот без ресор задолжен за дијаспората, Џемаил Чупи, градоначалници и претставници на стопанските комори на Македонија учествуваа на Бизнис форум на градоначалници и стопанственици од двете земји.

-Овие два дена ги претставуваме можностите за концептот Near m-shoring и за вредносниот ланец којшто можеме да го донесеме во нашата земја. Затоа што видовме дека взаемната соработка е неизбежен со сите земји коишто се дел од Европа – нагласи Битиќи.

Вицепремиерот порача дека во новиот предизвик во којшто Европа се наоѓа, а тоа е војната во Украина и економската криза заедно со енергетската криза, само заеднички интегрирани со заемна соработка и  солидарност можеме да ја превладаме оваа криза.

Мунир Шемси, претседател на Асоцијацијата „АПИ НОРТЕСТ“ и организатор на средбата во Италија, појасни дека проектот „АПИ“ во иднина ќе постане стопанска комора, како и дека имаат проект да се направи градежна професионална школа но и план да се направи школо во Македонија за медицински лица.

-Се надеваме дека ова ќе биде еден мост помеѓу нашите две земји и дека ќе имаме благородна соработка – нагласи Шемши.

Заменик градоначалникот на Венеција Симоне Вентурини порача дека тие имаат потреба за институционална соработка на економско ниво и нагласи дека е убеден дека „АПИ“ ќе ги донесе дома сите овие цели коишто ги има зацртано.

Вицепремиерот Битиќи одговарајќи на новинарско прашање како Македонија ќе го имплементира овој проект, рече дека Владата на Македонија ги нуди сите поволности, според него, можеби најдоброто во опкружување во ЈИЕ.

-Иако сме аспиранти за влез во ЕУ целосно сме усогласени со ЕУ-директивите и самиот факт дека сме земја членка на НАТО укажуваме дека сме земја за безбедна инвестиција. За сите италијански компании тоа значи само 12 часа далеку со кој било транспорт до нивното место во Италија. Јас секогаш велам дека 12 часа се секако помалку од 120 или 180 дена. И за тоа сме спремни со целосната инфраструктура како што е сообраќајната инфраструктура, но и законската инфраструктура која што треба да ги поврзе компаниите – појасни Битиќи.