Шефицата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) Кристалина Георгиева ќе продолжи со извршување на функцијата по истрагата за обвинувањата според кои влијаела врз податоците додека била извршна директорка на Светската банка, со цел да ја подобри позицијата на Кина пред бизнис-заедницата, пишуваат светските медиуми.

Но, репутацијата на Георгиева претрпе сериозен удар, исто како и угледот на Светската банка како неутрален и доверлив извор на економски податоци. Позицијата на Георгиева засега е сигурна откако извршниот одбор на ММФ изрази целосна доверба во нејзиното лидерство и способноста за ефективно извршување на обрските.

Истрагата ги испитуваше тврдењата објавени минатиот месец, во кои Георгиева беше обвинета за вршење притисок врз вработени во Светската банка за подобрување на позицијата на Кина во годишниот извештај „Дуинг бизнис“ за 2018 година.

Георгиева во повеќе наврати ги негираше обвинувањата, што го посочи и нејзиниот адвокат Лани Бруер.