Фото: Игор Бансколиев

Ставот на претседателот на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија, Штефан Петер, е дека ако Македонија сега не ја искористи шансата и не стане дел од ЕУ и од НАТО, разочарувањето кај младите ќе се зголеми, иселувањето ќе се интензивира, ќе се намалат странските инвестиции, а домашните компании можат да ја загубат својата конкурентност на меѓународниот пазар

Со зачленувањето на Македонија во Европската Унија ќе се подобрат условите за работа на работниците и бизнис-условите за странските инвестиции, па поради тоа странските инвеститори сакаат да ја видат земјава интегрирана во ЕУ.

– Членството во ЕУ и во НАТО ќе придонесе за поголема демократизација и за подобро владеење. Земјите-членки покажуваат поголем напредок во однос на кредибилноста на институциите, ефективност на Владата, владеење на правото, слободата на изразување и контрола на корупцијата. Динамиката на реформите се забрзува со членството во НАТО и во ЕУ – порача вчера Штефан Петер, претседател на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија.

Тој истакна дека ЕУ е најуспешен проект во 21 век, во поглед на одржување на мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот. ЕУ е регион со највисока стапка на животен век во светски рамки и регион со највисок индекс на човеков развој.
– Европската Унија е една од најдоминантните економии во светот, со пазар од над 500 милиони жители и учество од 23 отсто во номиналниот БДП во светот. Половина од финансиската помош во светот доаѓа од земјите на ЕУ и ова не е модерен начин на колонизација, туку искрен обид да се пренесат европските вредности. Зборувам за европскиот начин на живот и верувам дека вратата за европскиот начин на живот за Македонија е отворена. Поканата во овој момент не може да биде појасна, ЕУ не е целосна без Македонија – порача Штефан Петер.

Тој додаде дека има многу поволности да се биде државјанин на ЕУ, како на пример да се патува без граници, да се студира без посебни дозволи, да се консумираат различни производи и услуги каде што изборот е огромен во која било ЕУ-земја.
– Сепак, освен пофалби, имам и доста критики кон политиките на ЕУ, која се соочува со актуелни проблеми. Преку брегзит, првпат една земја излегува од рамките на Европската Унија, додека во поглед на надворешната политика земјите-членки од ЕУ имаат различни политики, ЕУ функционира бавно во процесот на донесување одлуки и се соочува со огромна бирократија. Но неоспорно е дека бенефициите се далеку поголеми, отколку да се остане надвор од европското семејство – истакна Петер.
Претседателот на Советот се осврна и на евентуален негативен исход од референдумот, односно на можноста да преовладее негативното мислење за евроатлантските интеграции на Македонија и посочи дека во тој случај земјата ќе се соочи со губење на својот кредибилитет, а со тоа и со губење на довербата и на вербата на граѓаните во подобра иднина.
Ставот на Петер е дека ако Македонија сега не ја искористи шансата и не стане дел од ЕУ и од НАТО, разочарувањето кај младите ќе се зголеми, иселувањето ќе се интензивира, ќе се намалат странските инвестиции, извозот и вработувањата, а домашните компании можат да ја загубат својата конкурентност на меѓународниот пазар.

– Ќе се изгубат и милијардата евра што ЕУ е подготвена да ѝ ги даде на Македонија по евентуалното членство, иницијативите за заштита на животната средина, врските со меѓународните универзитети и со е-инфраструктурата. Обемот на странски директни инвестиции ќе се намали поради непостоењето долгорочни економски перспективи и опасност од нивно преселување во соседните земји и во земјите-кандидати за членство во ЕУ- оценува Петер.

Тој додаде дека многу позитивни аспекти што го поттикнуваат развојот на земјата, а кои доаѓаат од ЕУ ќе недостигаат, а тоа се владеењето на правото, заштитата на животната средина, правата на потрошувачите, монополските права, застој со усогласувањето со образовниот систем, особено за болоњскиот процес, дигиталната агенда за широкопојасниот Интернет, како и немањето пристап до меѓународните стоковни берзи.