Народната банка почна активности за подготовка на првата национална стратегија за финансиска едукација на населението, во рамките на проектот на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) и Министерството за финансии на Холандија.

Претставници на ОЕЦД и гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска истакнале дека кај сите вклучени страни постои цврста решеност за максимална посветеност на проектните активности. Првата тековна фаза опфаќа мапирање на главните активности кај јавниот и кај приватниот сектор во земјава и утврдување на фактичката состојба за активните програми во полето на финансиската едукација. Ангеловска-Бежоска додаде дека проектот дава одлична можност за утврдување на идните активности за натамошно подигнување на нивото на финансиска писменост на населението во земјата.

Во петгодишниот проект, покрај Народната банка, се вклучени и Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на осигурување и Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување. Целта на проектот е градење на капацитетите за развој на финансиската едукација, како и изработка на национална стратегија за финансиско едуцирање на населението.

Претставниците на ОЕЦД во рамките на мисијата во државава имаа работни средби и со експерти од централната банка, министерствата за финансии и за образование и наука, како и со неколку меѓународни организации. За денес е предвидена и тркалезна маса на која ќе учествуваат претставници на сите регулаторни институции на финансискиот систем на земјава, кои заеднички учествуваат во Координациското тело за финансиска едукација и финансиска инклузија.

– Овие активности претставуваат уште една потврда за заложбите на финансиските регулаторни институции за следење на светските трендови во делот на финансиската писменост, како и за зајакната координација во овој домен и со приватните финансиски институции – наведуваат од Народна банка. Е.Р.