„Последен предупредувачки протест…“

Интервју со Благоја Ралповски, претседател на Конфедерацијата на слободни синдикати

КСС продолжува со своите активности и на 8 јуни 2019 година, со почеток од 11 часот, од пред портата „Македонија“ кај Собранието, па до Владата, ќе одржи протестен марш како последен предупредувачки протест

Од Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС) изминативе месеци организираа повеќе протести низ земјава, за да ги актуализираат своите барања за подобрување на правата на работниците. КСС низ протестите побара да се воспостави дијалог со надлежните министерствата и со државните органи, за да се решат проблемите што ги засегаат вработените во јавниот сектор, и за да постави неколку легитимни барања за подобрување на социоекономскиот статус на своите членови и вработени во одредени државни и јавни институции, вели Благоја Ралповски, претседател на Конфедерацијата на слободни синдикати, во интервју за „Нова Македонија“.

Кои се идните планови на КСС во поглед на барањата за подобрување на работничките права?
– КСС како во изминатиот период така и во следниот, покажа и ќе покажува вистинско синдикално дејствување во насока на подобрување на работничките права од причина што оваа влада е глува на гласот на работниците, кои се наоѓаат во тешка положба, а доказ за тоа е масовното иселување што се случува во нашата држава во последниот период. Насочени сме кон почитување на законите и колективните договори, а кај нас стана практика нивното кршење, поради што ние остро се спротивставувавме на секој таков обид.

Ќе продолжите ли со протестите и кога е следниот протест?
– КСС продолжува со своите активности и следниот протест ќе биде набргу, во согласност со одлуката на највисоките тела на КСС и неговите грански синдикати. На 8 јуни 2019 година, со почеток од 11 часот, од пред портата „Македонија“ кај Собранието, па до Владата ќе се одржи протестен марш како последен предупредувачки протест. Известени се ресорните министерства, како и претседателот на Владата, за нашите добро познати барања.

Се има впечаток дека власта останува глува на вашите барања, што ќе преземете за нивно исполнување?
– Како што напоменавме и претходно, Владата остана глува на нашите барања, но напоменавме и дека ова е последен предупредувачки протест и КСС заедно со своите грански синдикати ќе го радикализира своето дејствување и со сите алатки и демократски средства, кои ни се на располагање, ќе се бориме за зачувување на основните работнички права, кои во моментов се загрозени.

Најавивте радикализирање на протестите…?
– Одлуките за радикализирање на протестите и синдикалното дејствување повторно ќе ги донесе членството на конфедерацијата, иако има најразлични предлози, истите тие треба да поминат низ раководството на синдикатите, а за нив Владата и јавноста ќе бидат соодветно и навремено известени. Ние како раководство сме цврсто решени да истраеме во оваа битка, која не е само за нас, туку за нашите семејства, пријатели и за сите работници во Македонија. КСС и во минатото и сега покажува дека стои на страната на работниците и нема да дозволи квазисиндикализмот да навлезе во нашето дејствување. Тоа го покажува и сѐ поголемата поддршка што ја добиваме од меѓународните организации каде што членуваме, синдикалните организации, како и граѓанските организации чија основна дејност е заштитата на работничките права. Ја користам оваа можност да ги повикам сите работници, без разлика на пол, национална, верска или етничка припадност да се сплотат и заедно на 8 јуни под бајракот на синдикатот, да покажеме дека нема да дозволиме никој да си поигрува со нашите законски загарантирани права.


КСС заедно со своите грански синдикати бара исполнување на неколку основни работнички права

– Усогласување на платите во јавниот сектор од 1.1.2019 година во согласност со процентот на покачувањето на минималната плата, со кој е покачена за 25 проценти.
– Откажување на Владата од идејата за трансфер од јавен во приватен сектор, затоа што и онака ранливата администрација само ќе се доведе во полоша состојба, наместо да се спроведуваат реформи.
– Исплата на регрес за годишен одмор во јавниот сектор, бидејќи единствено ние сме дискриминирани во поглед на неговата исплата.

[email protected]