Чаршиите во земјава речиси целосно опустеа, преостанатите занаетчии се борат за гола егзистенција, а навистина се ретки младите што се решаваат да ѝ се посветат на некоја од овие вештини. Исклучок, според занаетчиите, се фризерскиот и берберскиот занает, чие изучување е во подем, но заради заминување во странство

Речиси иста судбина делат сите поголеми чаршии во земјава, скопската охридската, битолската, прилепската… Некои од дуќаните со старите занаети се затворени со ќепенци, а други се обновени како објекти, но и со нови дејности и најчесто претворени во трговски дуќани за техничка стока или текстил. Ги нема во нив наланџиите, самарџиите, ковачите, лимарите и многу други занаетчии што ги прегази времето, а малата заработка и тешката финансиска состојба ги натера да се откажат од она што го работеа и од што заработуваа некогаш. Сега, пандемијата дополнително си го направи своето, чаршиите во земјава речиси целосно опустеа, преостанатите занаетчии се борат за гола егзистенција, а навистина се ретки младите што се решаваат да ѝ се посветат на некоја од овие вештини. Исклучок, според занаетчиите, се фризерскиот и берберскиот занает, чие изучување е во подем, но заради заминување во странство, каде што очекуваат дека ќе бидат многу подобро платени.
Во чаршијата во Скопје по 17 часот веќе речиси и да нема кој да помине, а охридски занаетчии велат оти состојбата е иста и кај нив. Тие објаснуваат дека кириите се високи и се движат од 500 до 2,5 илјади евра, а за да ги платат, некои подигнале кредити, за кои не знаат како ќе ги вратат.

– До крајот на 1990-тите години во целата охридска чаршија немаше повеќе наланџии, ковачи, опинчари, самарџии, кујунџии, лимари. Со почетокот на 21 век, веќе во 2000 година сите овие занаети беа изумрени. Дуќаните во старата чаршија се реновираа и станаа трговски дуќани. Втората причина што придонесе за изумирање на старите занаети е тоа што времето ги прегази, кому му требаа налани кога никој не ги носеше повеќе, ниту пак сега имаме опинчар, бидејќи тој не ги произведува, ги купува од Куманово и ги продава. Ако трговијата оди, таа е слатка. Евидентно е и тоа дека последниве десетина години градот се пренатрупа со кинеска стока. Оние што беа автентични дуќани на таканаречените уметнички занаети се на уличката што води од плоштадот до црквата „Света Софија“, па таму има шест-седум филиграни и дуќани со резбарство, потоа имате дуќани со сувенири и вештачки, кинески сувенири. Ова со пандемијата би се рекло и не беше толку страшно, бидејќи се затворија само два фризерски, два козметички дуќани и еден на занаетчија што замина во пензија, а произведуваше производи од бакар. Пандемијата не докрајчи во финансиска смисла, бидејќи занаетчиството е ниско профитабилно. Следен за изумирање е чевларскиот занает и јас најдобро го знам тоа бидејќи семејно наследив чевларски дуќан во кој работам. Некои од занаетчиите заминаа во странство.

Не се наоѓа столар, а само еден водоводџија е регистриран и не може да постигне со работа, иако има и нелојална конкуренција од оние што до пладне се некаде вработени, а попладне работат водоводџиски работи – раскажува Сашо Богоески, претседател на Регионалната занаетчиска комора на Охрид и потпретседател на Републичката занаетчиска комора.
Ништо не е подобра ниту состојбата во скопската чаршија. И од скопската занаетчиска комора потврдуваат дека напредокот на технологијата и индустриското производство си го направиле своето, а за лошата состојба дополнително придонесе и коронавирусот.
– Исчезнати занаети во последната деценија се ткајач, волновлачар, казанџија, папуџија, јорганџија и други занаети. Имаме занаети што се на работ на изумирањето поради намалена побарувачка за нив на пазарот, како на пример ковач, крзнар, шапкар, часовничар, чевлар и др. Причината за немањето интерес за овие занаети е затоа што побарувачката за овие занаетчиски производи е многу намалена, како и немањето интерес кај младите луѓе да продолжат да ги вршат занаетчиските дејности како семејни бизниси. Најчесто занаетчиите што се носители на традиционалното занаетчиство со исполнување на услови за старосна пензија престануваат со вршење на дејноста од причина што нема кој да го преземе занаетчискиот бизнис – констатира Анета Атанасовска, извршна директорка на занаетчиската комора „Скопје“.