Фото: Маја Јаневска-Илиева

Перс­пе­кти­ви­те на еко­но­ми­ја­та во ус­ло­ви­те на ши­ре­ње­то на ко­ро­на­ви­ру­сот, лаж­ни­те ве­сти по­вр­за­ни со не­го, но и оче­ку­ва­ња­та од поч­ну­ва­ње­то на пре­го­во­ри­те за членс­тво на Ма­ке­до­ни­ја во Европ­ска­та Уни­ја се дел од те­ми­те за кои про­фе­со­рот од Еко­ном­ски­от фа­кул­тет при УКИМ Љу­бо­мир Ке­ке­нов­ски, во ин­терв­ју да­де­но за ал­бан­ски­от вес­ник „Ар­гу­мен­тум“, збо­ру­ва со но­ви­на­рот Генц Мло­ја, по­ра­не­шен ам­ба­са­дор на Ал­ба­ни­ја во Обе­ди­не­ти­те на­ции. По пред­лог и со доз­во­ла од про­фе­со­рот Ке­ке­нов­ски, „Но­ва Ма­ке­до­ни­ја“ пре­не­су­ва дел од ин­терв­ју­то

Во нашите земји сите работи се дознаваат во вистинско светло пост фестум. Со крајно ограничени информации, расте пандемијата на лажни вести, која е поопасна од самиот вирус. Многу дилеми се врзуваат за вирусот и на светско ниво. Но, здравје нека помине, во мир и од дистанца со сосема нова диоптрија треба да ги разгледаме сите аспекти на нашата реакција, да се споредиме со други земји и тогаш ќе имаме појасна слика, објаснува професорот Љубомир Кекеновски.
Кекеновски се осврнува на начинот на справување со кризата и посочува дека „ова е уникатен социјален процес, кога ние сите егоистички се свртевме не само кон националните држави туку дури уште подлабоко, кон своите градови и маала, спикани и заклучени во нашите станови, како во оние бункери од времето на Енвер Хоџа. Всушност, ние се однесувaмe како Владимир и Естрагон во театарот на апсурдот на Самуел Бекет, кога растргнати меѓу илузијата и реалноста го чекаат некојси Годот“.

Професорот Кекеновски укажува дека недостига солидарност меѓу земјите на ЕУ, особено кон нејзините најпогодени членки, Италија и Шпанија.
– Не е солидарност ако по кризата се направи фонд за санирање на штетите, парите не можат да заменат човечки гест на помош и сочувство во најтешките мигови. Ова ја потврди старата максима, во време на економска благосостојба, сите ти се пријатели, во време на сиромаштија, секој се спасува сам – истакна Кекеновски.

Професорот објаснува дека, сепак, ова е нов феномен кога сите земји имаат ист проблем во исто време, а сосема друго е кога се случува земјотрес, кога може да се мобилизираат повеќе земји да помогнат. Тој додава дека сега сите земји на некој начин стануваат конкуренти за донации, за респиратори, медицинска опрема, лекови…
– Евидентен факт во актуелнава криза е и тоа што ЕУ уште еднаш на дело покажа оти нема единствен сет на мерки, инструменти и политика за дејствување во вакви кризи – истакна Кекеновски.
На прашањето како ја оценува одлуката на Брисел да го почне преговарачкиот процес со Албанија и со Македонија за членството во Унијата, професорот посочува дека „за Македонија, исцрпена од сите неправди во последните децении, ова е мала утешна награда за сите компромиси што ги направивме“.
– Со оглед дека ова сѐ уште е датум без датум, ме плаши тоа што кохезијата меѓу клучните актери во ЕУ не е иста како пред неколку години. Затоа би рекол дека не се без основа песимистичките ставови дека нѐ очекуваат турбулентни години во економска, политичка и безбедносна смисла – објаснува професорот.

На прашањето какво ќе биде влијанието на пандемијата на ковид-19 врз економските, политичките и социјалните случувања во Македонија, професорот објаснува оти ниедна земја сама не може да има одржливи национални решенија за искушенијата што се пред нас.
– За закрепнување, на сите им се потребни многу пари, тие фондови не може да ги обезбедат сами и многу поголеми и побогати земји од нас. Во следниот период појасно ќе видиме дека се кријат многу длабоки процеси што ги игнориравме, па затоа сега се разигруваат различни сценарија. Евидентно е дека мошне брзо се менува политичкото расположение во секоја земја, расте евроскептицизмот, а нови актери ќе се понудат да бидат покровители на општествено-економската преродба во регионот, ако ЕУ не го покрие нашиов простор со една робусна финансиска акција – вели Кекеновски.

Конкретно, за влијанието на ковид-19 врз Македонија, професорот истакнува дека досега земјата минувала низ една релативно мирна социоекономска транзиција.
– Мислам дека оваа криза првпат ќе нѐ внесе во еден досега невиден социјален судир, со поделби и сиромаштија каква досега немаат искусено Македонците. Ова ќе биде пострашно и поболно од самиот процес на приватизација на општествениот капитал, кој остави без работа 200.000 луѓе за неколку години.

Во наредниот период темелно ќе се наруши економскиот баланс меѓу главните социјални актери, со што на армијата сиромашни широко ќе им се отвори вратата за социјални протести и конфликти, кои потешко ќе можат да се модерираат од самата држава, без меѓународна поддршка. Во исто време, во зависност од сценариото што ќе се реализира, овој момент мора да го гледаме и како шанса за рекомпонирање и регенерирање на приватниот сектор со нови бескаматни заеми и кредити.

Притисокот ќе биде поголем кај банките и финансиските институции да поднесат поголем дел од социјaлната одговорност и солидарност во следниот период. Ако го сфатат тоа како интерес, ќе си обезбедат егзистенција и комфор во иднина. Во спротивно, не сум сигурен дека под жестината на идните социјални протести, монетарниот и финансискиот сектор ќе останат во оваа форма во која ги знаеме досега – прецизира професорот.

Што се однесува до временскиот период на враќање во „нормалата“, професорот објаснува дека ако западниот свет успее да се врати на своите работни места во текот на јуни, ќе бидат потребни неколку турбулентни години да закрепнеме прво од социјалните конфликти и од можната реконфигурација на економските и политички актери во општеството.
– Сѐ на сѐ, претходните системи не се реформираа, тука се ресетираа, или, што би рекол Жан Жак Русо, ни претстои еден нов општествен договор со нови актери, партнери во дијалогот за нашата иднина – објаснува тој.

На прашањето дали пандемијата ќе влијае на процесот на глобализацијата, професорот Кекеновски вели дека ова е „почеток на крајот на неолибералниот свет и поредок како што го знаевме досега“.
– Кога би си гледале во својот двор и нашиот интерес, би рекол дека еден нов Маршалов план е спас и за ЕУ и за регионот. Но дали Европа има сили за тоа денес? Оштетена од брегзит, ранета од суверенистички повици за враќање на концептот на национални држави, дезориентирана од предлози за Европа во неколку брзини, силно се поткопа европската идила. Уште повеќе, денес на европскиот хоризонт не гледам визониери како Роберт Шуман и Жан Моне, државници како Аденауер и Де Гол. Сепак, мислам дека новото време и актуелните предизвици што се множат ќе родат/произведат личности од таков маштап. Да не заборавиме дека ЕУ е пред сѐ мировен проект и голема идеја базирана на економскиот интерес на граѓаните на Европа. Но ако еден вирус може да ја урне европската идеја, тогаш не сме ѝ биле достојни, или таа не била вредна да постои – објаснува Кекеновски.
На самиот крај, професорот објаснува дека „ние како мали земји имаме економска и политичка потреба да живееме во пошироки заедници. Секое друго решение со нови блокови и нови граници ќе води до нов политички примитивизам и раѓање на старите балкански стереотипи и предрасуди, кои никогаш не донеле ништо добро за никого во регионот“.

– И овој вирус ќе помине, да се молиме тоа да биде што побрзо и со што помалку штети. Но најстрашниот вирус залегнат длабоко во нашиот менталитет, раширен во секоја пора на општественото живеење и државните институции ќе остане. Правата борба што ни претстои е борбата со самите себе, со нерационалните очекување, со личната неодговорност и старите навики, кои креираат амбиент што не ги препознава најдобрите, не ги наградува највредните, а произведува паразити, медиокритети и неодговорни елити – заклучува Кекеновски.