Проблемот со откупот на сливите е наметнат и е резултат на неконзистентните, популистички, погрешни и криминални политики што биле водени во претходните 11 години, истакна денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски по посетата на штипското село Лакавица.

Тој апелира производителите да не наседнуваат на партиски и политички манипулации со оглед дека, како што рече, еден од организаторите на протестите во Радовиш е кандидатот за претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Тој, всушност, според Николовски, им ги давал и насоките на тие 10-15 луѓе што протестираа. 

Министерот уште еднаш повтори дека за надминување на ситуацијата со откупот се обезбедени вкупно пет денари поддршка, три за земјоделците и два за откупувачите и трговците. Ваквата мерка е договорена и со производителите и со откупувачите.

За сливите во Делчево, потенцира дека уште не се во состојба да бидат откупени поради потребната содржина на шеќерни единици. Утрово имало разговори, информира, договорено е ова производство да биде откупено. Според Николовски, нема никаков проблем со откупот, туку има проблем со барањата на една политичка група која што е политички и партиски мотивирана.

– Во изминатиот период, во екот на одморите, бев целосно посветен на комуникациите и соработката со преработувачките капацитети, со откупувачите во Радовиш, Струмица, Демир Хисар, Делчево, Свети Николе, со сите нив поединечно со цел да го решиме овој наметнат проблем. Токму ова е резултат на неконзистентните и погрешни, криминални, популистички  политики што биле водени во претходните 11 години со селективен пристап кон давањето субвенции без никаков договорен основ, без план каде тоа производство ќе биде пласирано, рече министерот, одговорајќи на новинарски прашања.

Минатата година, потсети, 90 отсто од насадите измрзнаа поради што цената за остатокот од производството беше повисока.

– Она што сега го договаравме во текот на одморите, првите денови од август, беше и со преработувачите и со откупувачите и со производителите. Но, да повторам, минатата година донесовме одлука за 10 отсто зголемување на субвенциите токму поради лошата година и сите регистрирани производители на сливи, над 2.500, добија 10 отсто зголемени субвенции по хектар. Оваа година сите што имаат еден до пет хектари добиваа 20 отсто зголемени субвенции заради нашата ориентација за поддршка на развојната категорија, дополни Николовски.

За сливата во Делчево утрово се разговарало.

– Се бара дали ќе има 18 шеќерни единици, меѓутоа е договорено со сите, како што беше во Радовиш и во Струмица, така да продолжи и таму. Со откупот нема никаков проблем, има проблем државата со овие барања од страна на една политичка група што е политички и партиски мотивирана сливите да не се откупуваат, да останат несобрани, а за тоа да се плати не знам каква штета од 150 илјади денари или не знам што. Владата е цврсто определена да ги санира сите последици затекнати од криминалните и погрешни политики во претходниот период и ние тоа докажавме дека го правиме во континуитет. Паралелно сме цврсто определени дека ќе носиме нови развојни мерки, објасни Николовски.

Заедно со ЕУ, дополни, завршува анализата на моделот на субвенционирање за која се добиени еден милион евра. Следните години ќе имаме соодветна промена во моделот на поддршка.