Меѓународниот монетарен фонд во најновиот извештај за Македонија оцени  дека антикризните мерки во земјава го ублажиле влијанието на пандемијата врз економијата и спречиле да дојде до поголеми отпуштања од работните места. Оттука предупредуваат дека сѐ уште постои неизвесност поради пандемијата поради што препорачуваат политиките и понатаму да бидат флексибилни.

ММФ посочи дека вработеноста најверојатно постепено ќе закрепнува, а се очекува и пораст кај извозот.

Согласно извештајот, економското закрепнување се очекува да продолжи во 2022 година, а ММФ предвидува растот да се зголеми од 4 отсто во 2021 година на 4,2 отсто во 2022 година.

Инфлацијата, според тимот на ММФ, веројатно ќе биде повисока подолго од првично очекуваното, но во втората половина на 2022 година се очекува да почне да се намалува. Очекувањата на ММФ се дека таа во 2022 година ќе биде 3,9 проценти во просек и ќе се стабилизира на околу два проценти во 2023 година.