Фото: Маја Јаневска-Илиева

Потребно е да се креираат дополнителни мерки за поттикнување на приватниот сектор во посткризниот период, затоа што проблемите за значаен дел од фирмите во погодените сектори нема да исчезнат по завршувањето на здравствената криза, сугерираат експертите

Помошта од државата за компаниите во форма на субвенционирање на платите беше неопходна, особено во критичниот период, кога се воведуваа рестриктивните мерки за заштита на јавното здравје, односно кога одделни сектори беа целосно или делумно затворени, додека другите функционираа во значително отежнати околности. И во петтиот пакет мерки е предвидено да им се помогне на компаниите да ја одржат нивната ликвидност и да можат да ги исплатат вработените, но таа помош, како што велат економските експерти, е со ограничени ефекти и е детерминирана од периодот на целосно справување со здравствената криза. Поради тоа, според нив, потребно е да се креираат дополнителни мерки за поттикнување на приватниот сектор во посткризниот период, затоа што проблемите за значаен дел од фирмите во погодените сектори нема да исчезнат по завршување на здравствената криза.
Претседателот на Бизнис-конфедерација на Македонија, Миле Бошков, вели дека одржливоста на компаниите е доведена во прашање и дека тоа не е само поради влијанието на кризата, која само ги извади на површина лошите и слаби корпоративни раководителски практики во компаниите.
– Очигледно е дека голем број компании ниту создаваат капитал ниту акумулираат средства и вредност, уште помалку вложуваат во сопственото знаење и техники. Поточно, ова е резултат на мала и млада слободна пазарна економија – смета Бошков.
Тој напоменува дека компаниите мора да се ослободат од државната помош по кризата, но треба да бидат поддржани во развојот и следени при остварување раст.
– Во посткризниот период компаниите треба да добијат широка поддршка во осовременување и модернизирање на капацитетите, да бидат поддржани во претставувањето и презентирањето и во интернационализацијата и наоѓањето нови пазари – објаснува Бошков.
Тој смета дека многу е важна поддршката за промовирање македонски производи и услуги преку бизнис-здруженијата на домашниот и меѓународниот пазар, како и поддршката за создавање заштитени производи и брендови.
– Треба да се работи на поттикнување на македонските компании за настап на глобалниот пазар, промена на регулативата за јавни набавки – доминантност на македонски компании, производи и услуги, поттикнување заеднички вложувања во капиталните инвестиции врз основа на јавно-приватно партнерство, ослободување, продажба и концесија на македонските неупотребливи постојни капацитети, објекти, пасишта, шуми, одморалишта, здравствени домови, домови на култура, месни заедници, пропаднати фабрики и капацитети одземени од државата – нагласува Бошков.
И претседателот на Организацијата на работодавци на Македонија, Ангел Димитров, смета дека голем дел компании не ќе можат да се ослободат од потребата за државна помош дури ни по завршувањето на кризата.
– Многу е важно колку ќе трае сето ова. Ако проблемите со вирусот потраат до јуни, тогаш стравувам дека ниту Владата ќе може да најде средства за нова финансиска помош, ниту пак компаниите ќе издржат во битката за опстанок. Се разбира, ова ќе биде различно од дејност до дејност, но по завршувањето на финансиската помош, ако кризата продолжи и понатаму, тоа ќе предизвика големо зголемување на невработеноста – истакнува Димитров.
Според него, потребни се дополнителни развојни мерки за компаниите да можат да заздрават во постковид-периодот.
– Покрај поттикнување на приватниот сектор со добро осмислени мерки, закрепнувањето на економијата ќе зависи исто така и од брзината и обемот на вакцинацијата на населението и затоа е неопходно да се направат сите напори за побрзо пристигнување на вакцините во земјава – додава Димитров.