Сите занаетчии се соочуваат со проблеми во справувањето со кризата од ковид-19 / Фото: Игор Бансколиев

Некои од занаетчиите почнаа повторно да ги отвораат своите дуќани, со надеж дека најлошото од здравствената криза е зад нив, но истакнуваат дека стравуваат оти загубиле голем дел од муштериите и дека многу тешко ќе почнат повторно со работа

Коронавирусот значително ги отежна работните активности на занаетчиите во земјава, чии работилници во голем дел во изминативе два месеца беа затворени. Деновиве некои од занаетчиите почнаа повторно да ги отвораат своите дуќани, со надеж дека најлошото од здравствената криза е зад нив, но истакнуваат дека, сепак, стравуваат оти изгубиле голем дел од муштериите и дека многу тешко ќе почнат повторно со работа.

– На самиот почеток од кризата го затворив дуќанот по насоките да се држи физичката дистанца. Како фризерка, невозможно е да држам дистанца, а сопругот има астма, па сметавме дека е најдобро да чекаме да помине вирусот. Сега, по два месеца без работа, морав повторно да почнам со работа за да обезбедам некаков прилив на средства во семејството. Стравувам и од опасноста да се заразам, но ќе се обидам да се заштитам и себеси и муштериите, ама стравувам и дека нема да имам муштерии по два месеци неработење – вели фризерка од една скопска фризерница.
Во изминатиов период некои од занаетчиите решија да ги затворат своите дуќани поради опасноста од ширење на заразата, додека, пак, други продолжија со работа во согласност со можностите. Деновиве, со олабавувањето на мерките за сузбивање на вирусот, се забележува дека некои од затворените занаетчиски дуќани повторно се отвораат.

– Сите занаетчии се соочуваат со проблеми во справувањето со кризата од ковид-19, затоа што имаат намален обем на работа, а некаде дури и 100 отсто намалена побарувачка на занаетчиските производи и услуги. Занаетчиите ја почувствуваа кризата уште од самиот почеток, затоа што тие опстојуваат од продажбата на занаетчиските производи што ќе ги произведат или од услугите што ќе им ги дадат на клиентите (поправка на апарати, столари, плочкари, паркетари, фризери, козметичари, слаткари и друго). Со пандемијата падна побарувачката на нивните производи и услуги и се доведува во прашање егзистенцијата на бизнисот – објаснува Анета Атанасовска од Занаетчиската комора на Скопје.

Претставниците на Занаетчиската комора на крајот на март предложија неколку мерки со кои побараа поддршка од државата во овој кризен период. На последниот повик на Владата за мерката за исплатата на минимална плата од 14.500 денари, надлежните соопштија дека аплицирале 6.000 самостојни вршители на дејност, или повеќе од 45 проценти од регистрираните.

Претседателот на Занаетчиската комора на Скопје, Никола Петров, на прес-конференција побараа субвенционирање плати и за занаетчиите, ослободувањето од аконтација на данок на личен доход да се однесува и за занаетчиите што паушално плаќаат данок по решение од Управата за јавни приходи и занаетчиите што плаќаат данок од реално остварен приход сѐ додека трае кризата со панедмијата. Оттаму бараат и да се најде начин и занаетчиите да аплицираат за кредити преку Развојната банка. Тие што ќе бидат во самоизолација, пак, да се третираат како болни, односно трошокот да биде на товар на Фондот за здравство.

– Занаетчиската комора на Скопје излезе со конкретни барања за занаетчиите, од кои не беа прифатени сите. Овие мерки секако дека нема да бидат доволни, затоа што за да остане ликвиден еден занаетчиски бизнис, треба поголема и посигурна финансиска поддршка, а секако тука е и неизвесноста кога повторно ќе почне нормално да функционира побарувачката по занаетчиските производи и услуги. Некои од занаетчиските бизниси што почувствуваа дека нема да можат да ја издржат кризата ги затворија своите дуќани, но тоа е мал процент од регистрирани занаетчии.

Занаетчиските бизниси што постојат долги години секако дека ќе се обидат да ја издржат и оваа криза. На прашањето дали има опасност од масовни затворања на занаетчиски работилници, многу е рано да се предвидуваат проценти и бројки. Одговорот на ова прашање ќе зависи од развојот на состојбата со коронавирусот – дополнува Атанасовска.

Во последниве месеци голем број економисти и претставници на комори укажаа дека е неопходно во овој период да се стимулира домашната економија, преку зголемување на локалното производство, но и поттикнување на граѓаните да купуваат локални производи или, поточно, домашни продукти.