Фото: Маја Јаневска-Илиева

Нереализирањето на коридорот исток – запад создава простор за геостратегиска конкурентност од страна на Коридорот четири, кој поминува преку Бугарија и Романија и овозможува поврзување на Централна и Западна Европа со Блискиот Истоки Централна Азија, и за комплетно заобиколување на стоковните текови што во поинаков случај би поминувале преку Македонија

Реализација на автопатскиот и железничкиот дел од Коридорот осум се одвива многу бавно поради раскинување договори со изведувачи, одложени процедури, затворени финансиски вентили… Во меѓувреме, низ регионот се воспоставуваат нови и се модернизираат постојните коридори за поврзување на Истокот и Западот со што се доведува во прашање конкурентноста на коридорот што поминува низ Македонија, дури и кога тој ќе биде комплетно завршен.
Иако позицијата на нашата земја овозможува, преку Коридорот осум, таа да биде клучен транзитен центар за поврзување на Црно Море и Јадранско Море, поради неразвиеноста на инфраструктурната мрежа таа предност сѐ уште не е искористена.

Премногу проблеми ја кочат изградбата

Од Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанска комора на Македонија велат дека прашањето за изградба и комплетирање на патниот и железничкиот дел од Коридорот осум е актуелно подолг временски период, а активностите за нивна реализација се веќе почнати.
– Препроектирање, вклучувајќи и подготовка на проектна документација за нови клучки, отстранување на проблемите поврзани со експропријација на земјиштето, недислоцирани објекти на автопатот Кичево – Охрид и одолжување на роковите за експресниот пат Ранковце – Крива Паланка поради раскинување на договорот со странскиот изведувач, кој работеше на изведбата една од делниците на овој експресен пат, се дел од проблемите што ја кочат реализацијата на Коридорот осум. Иста е состојбата и со првата фаза од пругата кон Бугарија. Бизнис-секторот очекува дека оваа година ќе бидат отстранети причините за застоите на овие проекти по должината на Коридорот осум и ќе се изберат новите изведувачи што ќе продолжат со работа на проектите – истакнуваат од здружението.

Дали понатамошното инвестирање ќе стане приоритет за државата?

Оттаму додаваат дека предностите на местоположбата на нашата земја би можеле да се искористат само доколку понатамошното инвестирање во развој на патната и железничката инфраструктура е од приоритетно значење за државата. Развојот на националната економија е заемно поврзан со истовремениот развој на различните видови инфраструктурно поврзување и транспорт.
– Коридорот осум нуди повеќе економски и развојни придобивки за државите и регионите низ кои поминува, пред сѐ, подобра поврзаност со пристаништата на Јадранско и Црно Море и подобар пристап до суровини и пазари. Подобрувањето на меѓусебната патна и железничка инфраструктурна поврзаност е од приоритетно значење за унапредување на меѓусебната соработка на Македонија, Бугарија и Албанија, што ќе придонесе за забрзување на вкупните транспортни операции меѓу земјите, а со тоа и за експанзија на обемот на билатерална стоковна размена и на количеството на стоката во транзит – нагласуваат од здружението.
Обемот на трговска размена со Бугарија во периодот јануари – ноември 2020 година изнесувал 603,5 милиони американски долари, а со Албанија 136,4 милиони долари.
– Коридорот осум е од голем интерес и за економската соработка и за зголемувањето на транспортниот промет кон запад за Италија, односно кон исток за Турција. Тргнувајќи од тука, потребата за развој на Коридорот осум, треба да биде еден од главните приоритети на македонската економска стратегија, што е од особено значење не само за стопанската соработка меѓу земјите туку и за развојот на вкупната регионална и интрарегионална соработка, а во пошироки рамки и за успешно приближување на регионот до Европската Унија – нагласуваат од здружението.

Придобивките се конкретни и повеќебројни

Оттаму велат дека железничкиот транспорт има повеќе предности како релативно поевтин превоз на стока, можност за транспорт на кабасти стоки, брзина и слично.
– Основна карактеристика на Коридорот осум е традиционално слабата транспортна инфраструктура, на која ѝ недостигаат критични поврзувања на главните железнички линии на Македонија, Бугарија и Албанија, односно на трите главни града на овие земји. Инвестирањето во железничкиот Коридор осум значително би влијаел на социоекономскиот развој резултирајќи со одржливи придобивки за населението, бизнисот и економиите во областите низ кои минува – истакнуваат од здружението.
Оттука, додаваат тие, придобивките од комплетирањето на железничкиот коридор се конкретни и повеќебројни и вклучуваат олеснување на транспортот, намалување на времето на патување меѓу Скопје и Софија со железница, намалување на времето на регионално патување меѓу Куманово и Крива Паланка. Потоа кратење на железничката врска помеѓу Македонија и Црно Море, зголемување на капацитетот за превоз на товар, како и олеснување и развој на трговската размена меѓу Бугарија, Македонија и Албанија, создавање алтернативен железнички пристап за Македонија до пристаништата во Бугарија и во Албанија, како и подобрување на пристапноста на Североисточниот Регион до другите региони во нашата држава за товар и патници и друго.

– Изградбата на пругата кон Албанија позитивно ќе влијае на стоковните текови меѓу двете земји, а со тоа и на динамиката на економскиот развој и зголемувањето на трговијата. Подобрувањето на инфраструктурата и олеснувањето на транспортот воопшто, позитивно ќе влијаат и на условите за зголемување на странските инвестиции во нашата држава и развојниот циклус на државата – сметаат од здружението.
Според нив, овој коридор ќе има ефекти и во туристичката сфера, развојот на нови бизниси по должината на коридорот, како и во олеснување на начинот на комуникации меѓу двете земји и пошироко.
– Нереализирањето на констатираните потреби и заложби за развој на овој коридор создаваат простор за геостратегиска конкурентност од страна на Коридорот четири, кој поминува преку Бугарија и Романија и овозможува поврзување на Централна и Западна Европа со Блискиот Исток и Централна Азија, ставајќи го Коридорот осум недоволно искористен и во подредена улога, со комплетно заобиколување на стоковните текови што во поинаков случај би поминувале преку Македонија – објаснуваат од здружението.

Достижен ли е износот од над две милијарди евра?

Според професорот на Универзитетот на Југоисточна Европа, Абдулменаф Беџети, заостанувањето на реализацијата на Коридорот осум е последица на недоволна фреквенција на користење, како и екстремно големиот обем на потребни фондови за таа реализација.
– Во однос на Коридорот 10, реализацијата на Коридор осум има големо заостанување, кое покрај наведените причини има влијание и притисок од Европска Унија за приоритет на Коридорот 10 поради структурата на економијата во надворешната размена во правците север – југ – објаснува Беџети.
Тој нагласува дека Коридорот осум е од големо значење не само за земјава туку и за регионот. Но дека проблемот за негово комплетирање, како за автопатот така и за железничката инфраструктура, е огромниот износ на инвестициите, над две милијарди евра, и е недостижен со сопствени фондови, а не е атрактивен за концесија.
– Оправданоста на инвестицијата на овој коридор се појавува само со вклучување на транзитната компонента на коридорот, комплетирање и во патен и во железнички сообраќај за да се поврзува Црно со Јадранско Море, при што стоките и производите од поранешните советски републики ќе се превезуваат во Западна Европа. Тогаш Коридорот осум како целина станува економски оправдан – истакнува Беџети.